Како и да е, јасно е дека поставувањето нови сателити, изградбата на вселенски станици и слични активности се тренд што е дел од внимателно осмислениот стратегиски процес на доминантното глобално трио насочено во две насоки: одбрана и истражување
Во последните месеци, САД и Русија ги засилија меѓусебните обвинувања дека другата земја работи на вооружување на вселената и кршење на постојните меѓународни договори.
Дефинитивно мораме да ја сместиме Кина во таа „игра“, додека во исто време сѐ повеќе се појавуваат нови „мали вселенски сили“ како Јапонија, Индија, Северна Кореја, ОАЕ, кои се појавуваат како играчи, но сепак се во различна лига во однос на споменатата тројка. Во оваа смисла, Европската Унија видно заостанува како независен играч поради растечките проблеми од геополитичка и економска природа.
Како и да е, јасно е дека поставувањето нови сателити, изградбата на вселенски станици и слични активности се тренд што е дел од внимателно осмислениот стратегиски процес на доминантното глобално трио насочено во две насоки: одбрана и истражување.
Последново се однесува пред сè на амбициозните програми за освојување и експлоатација на Земјината Месечина, која е богата со суровини и ретки елементи што се дефицитарни на нашата планета и стануваат неопходни за производство на различни компоненти во сферата на високата технологија. Тоа беше иницирано од Соединетите Американски Држави со нивните сојузници (тука се издвојува Јапонија) од една страна, и заеднички од Кина и Русија од друга страна.
Планетата Марс ќе мора да почека уште малку во овој поглед. И поради нејзината многу поголема оддалеченост од Месечината и поради технологиите што допрва треба да се освојат за нешто толку амбициозно. Затоа што не е сè до патувањето или времето потребно за да се стигне до најблиската соседна планета.
Кинезите отидоа на темната страна на Месечината
Неодамна, Кинезите постигнаа голем успех и станаа првата земја што ја спушти својата ракета на другата, темна страна на Месечината – невидлива од Земјата (за оние што не знаат, Месечината не ротира околу својата оска како Земјата, но орбитира само по своја патека или елипса, па од Земјата можеме да ја видиме само едната страна од неа – свртена кон нас). Кинеската ракета беше придвижувана од руско нуклеарно полнење, што е јасен знак за забрзана соработка меѓу Москва (која има поголемо знаење, искуство и вселенска технологија) и Пекинг, кој брзо го апсорбира ова знаење и има многукратно поголема економска и финансиска моќ, што е неопходно за вакви амбициозни проекти. Двете земји планираат изградба на нуклеарна централа на Месечината како предуслов за обезбедување на потребната енергија за нејзино населување за целите на експлоатација. Планирано е да се заврши не порано од средината на 30-тите години на овој век.
Слични планови и рокови имаат и САД, кои неодамна најавија можност за изградба на првата железница на лунарната почва. Се разбира, и заради идните индустриски операции на тој единствен природен сателит на Земјата.
Одбраната и натаму е приоритет. Нови шпионски сателити!
Што се однесува до споменатата втора насока на осмислената стратегија на трите велесили, за неа, секако, се грижат и Американците. Следната вест што го потврдува тоа се однесува, значи, на нејзиниот одбранбен, а не научноистражувачки сегмент.
Националната канцеларија за извидување на САД (НРО) лансираше необјавен број шпионски сателити од следната генерација во орбитата минатата недела.
Мисијата, именувана НРОЛ-146, лансираше со ракетата „Спејс икс фалкон 9“ од вселенската база „Ванденберг“ во Калифорнија рано наутро во средата и го означува почетокот на идната констелација на разузнавачки сателити. Ова го јави медиумот „Дифенс уан“.
Оваа мисија е првото лансирање на пролиферираните системи на НРО поврзани со брзо собирање податоци и брза испорака. Агенцијата не откри колку сателити има при првото лансирање или колку вкупно сакаат во соѕвездието.
Иако деталите остануваат оскудни, „Ројтерс“ претходно објави дека „Спејс икс“ и „Нортроп груман“ работат заедно на изградба на тајна сателитска мрежа за НРО.
Шпионската агенција, чии операции се строго доверливи, ја проширува својата вселенска архитектура за да може да собира повеќе податоци за Пентагон и разузнавачката заедница. НРО претходно соопшти дека планира четирикратно да го зголеми бројот на сателити што ги има во орбитата.
Густ сообраќај во орбитата
-Во текот на следната деценија ќе продолжиме да го зголемуваме бројот на сателити што работат низ орбитите – дополнувајќи ги сателитите со високи перформанси на НРО, кои традиционално беа белег на НРО – со додавање чувствителни, пролиферирани системи – рече Трој Мајнк, заменик-директор на НРО. Нашите пролиферирани системи ќе ја зголемат навременоста на пристапот, ќе ги диверзифицираат комуникациските патишта и ќе ја подобрат нашата еластичност. НРО планира дел од лансирањето за новата архитектура оваа година, а дополнителни лансирања се очекуваат до 2028 година.
Не треба да има сомнеж дека Кинезите и Русите не сакаат да им обезбедат на Американците ексклузива во полето на инсталирање нови шпионски сателити. И двете земји во последно време често ги лансираат, а споменатите нови „мали вселенски сили“ брзо ѝ се приклучуваат на големата игра.
Несомнено е дека орбитата на Земјата ќе станува сѐ повеќе полна во наредните години. Се надеваме дека нема да има опасни инциденти и ново вселенско ѓубре (остаток, отпад создаден главно од неисправни сателити, кои веќе не се во употреба или ѓубре фрлено од вселенските станици), кои, во спротивно, лесно би можеле да ги доведат во прашање сите споменати амбициозни проекти или да ги направат поскапи.