Во преполната сала на Националната опера и балет
На сцената на Националната опера и балет незаборавен концерт што долго ќе се памети одржа Кирил Џајковски, пионерот на електронската музика и истакнат композитор на филмска и театарска музика. Концертот беше ретроспектива на неговото 25-годишно творештво во работата на музика за филм, а публиката го награди со долготраен аплауз и стоечки овации. Во придружба на оркестар и врвни солисти беше изведена музиката од култните македонски филмови како „Големата вода“, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „Piargy“, „Трето полувреме“ и други. Диригент на концертот беше Џијан Емин, а настапија и солистите Владимир Крстев, Ратко Даутовски, Антоние Весковски, Андреј Трајковски и Игор Иванов.
Од сцената Џајковски им се заблагодари на режисерите со кои соработувал низ годините, особено на Милчо Манчевски и на Иво Трајковски, кои беа дел од публиката.
Ова уникатно аудиовизуелно патување низ најдобрите музички мигови од филмската кариера на еден од највлијателните композитори на нашето време Кирил Џајковски беше вечер исполнета со емоции, рефлексија, носталгија и моќно музичко доживување.
Освен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот, Кирил Џајковски е и успешен композитор на филмска и театарска музика. Неговата визија и неговите исчекори секогаш се пионерски патокази за правците на развој на новите музички форми.
Неговата филмска музика во процесот на нејзиното создавање и снимање веќе била изведувана од голем оркестар, но ова беше првпат таа да се изведе на сцена. На дел од филмовите, особено во снимањето на музиката во студио, веќе има соработувано со Џијан Емин и таа долгогодишна соработка резултира со одличен спој на сцената. Со виолинистот Владимир Крстев исто така има настапувано многупати, а со другите музичари ова беше прва соработка на Џајковски. На концертот прозвучеа најпопуларните филмски теми што публиката очекуваше да ги слушне, застапени беа поголем број филмови, но не беше можно во една вечер сите да се изведат.
Концертот се распродаде многу брзо, за неколку дена, а дел од публиката не беше во можност да набави билет, но Џајковски вети дека ќе даде сѐ од себе овој проект повторно да биде изведен во Скопје, но и низ другите градови. Од регионот веќе постои интерес за проектот, така што тој се надева дека концертот ќе има свој пат.