- Низ досетливи куси драмски текстови писателот Владо Димовски, во соработка со „Колибри“, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, на децата им ја доближува македонската фразеологија, а истовремено ја поттикнува и драмската сцена во училиштата и надвор од нив. Нашата радост ќе биде голема ако некоја од овие драмски минијатури поставите на сцена и ако го споделите тоа со нас
Водата стои, тој не стои
(Златниот и Златната слегуваат од велосипедите)
Златниот: Блазе си им на соседите. Оние под мене.
Златната: За пензионерите ми зборуваш?
Златниот: За нив, Златна. Вчера ме викнаа на кафе.
Златната: И јас сум била кај нив. Пристојни луѓе, скромни, начитани… Имаат голема библиотека. Бабичката ми даде две книги…
Златниот: Ами што имаат син! Нека им е жив, многу е способен.
Златната: Не знам, не сум го видела. Ми кажуваа, живеел во Влае. Зафатен бил, имал фирма, голем бизнис.
Златниот: Го допивав кафето и, колку да станам, дојде синот. Ми вели, не станувај, поседи уште малку. И, така, почнавме да разговараме… Имал две деца, едното одело во основно, девојчето во средно.
Златната: Имал и многу вредна и учена жена. Ова од слушање, старите многу си ја сакаат снаата.
Златниот: Синот на соседите ми вели: По цел ден сум на работа. И ноќе работел кога требало. Ми вели: Во 6 часот јас сум на нозе. Еј, водата стои, тој не стои.
Златната: Како? Водата стои, тој не стои. Водата стои само кога ќе замрзне, Златен.
Златниот: Така си велиш ти. Види го Невенчето. И за неа важи оваа фраза. Дојди да те гушнам!
Невена: Водата стои, тој, некој, не стои… Фразава е многу убаво стокмена за вредни и успешни луѓе. Значи, за да имаш, треба малку и да се испотиш. Така? Со лежење и гледање телевизија не се станува газда. Водата стои, тој не стои значи, тој, некој, многу е вреден, работлив и голем домаќин.
За авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца, автор на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Публиката најмногу го памети како сценарист на култната тeлевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“ е актуелен со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ќе ја читате во вашиот омилен додаток за деца и преку неа ќе ги осознавате тајните на македонската фразеологија. Неодамна од печат излезе неговата книга „Мали приказни за големи сонувачи“, со која авторот одбележува 45 години творештво. Книгата може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.

































