• Низ досетливи куси драмски текстови писателот Владо Димовски, во соработка со „Колибри“, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, на децата им ја доближува македонската фразеологија, а истовремено ја поттикнува и драмската сцена во училиштата и надвор од нив. Нашата радост ќе биде голема ако некоја од овие драмски минијатури поставите на сцена и ако тоа го споделите со нас

Вади костени од жар
(Златниот се обидува да ја расплетка ортомата. Златната гледа сеир.)
Златната: Добро, бе златен, што си правел со ортомава, а? Вака, и да си сакал, не си можел да ја заплеткаш.
Златниот: Таков сум. А, ќе фатам нешто и ќе направам… Пред два дена бев кај едни роднини в село. Самарот сум го свртел наопаку, ќе го пцовисав магарето.
Златната: Држ! Фати! Не знам кај ѝ е главата, каде опашката… Како магија некој да ти направил.
Златниот: И овој ден отиде… Кога ќе ја фарбам оградата, кога…
Златната: Не знам ти, ама и јас заглавив со тебе. Држи ја убаво ортомата. Оптегни ја!
Златниот: Тегнам!
Златната: Нешто како да си ми нервозен, а?
Златниот: (ја фрла ортомата…) Остави! Да ти сварам кафе?
Златната: Не сакам. И, сега?! Цел ден го изгубив на оваа ортома… Знаеш како се чувствувам?
Златниот: Како?
Златната: Како да вадам костени од жар.
Златниот: Што да вадиш?
Златната: Ништо… Отидов!
Златниот: Никаде не одиш. Колку што гледам, убаво си ја завршивме работата. Знам по погледите на публиката.
(Невенче им ракоплеска)
Невена: Одлични бевте. Жар, пријатна топлина и костени. Убава слика, нели?! Но, дали е пријатно со гола рака да вадите костени од жар? Некои успеваат. Како? Веројатно има некоја техника. Вади костени од жар… Демек, решава некоја тешка задача, ама што ја заплеткал некој друг. Како овие двајца со ортомава.Убава фраза и убаво кажано.


За авторот:

Владо Димовски е познат македонски писател за деца, автор на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Публиката најмногу го памети како сценарист на култната тeлевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“ е актуелен со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ќе ја читате во вашиот омилен додаток за деца и преку неа ќе ги осознавате тајните на македонската фразеологија. Неодамна од печат излезе неговата книга „Мали приказни за големи сонувачи“, со која авторот одбележува 45 години творештво. Книгата може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.