Дали грутките метални карпи во најдлабоките, најтемните делови на океанот можат да создадат кислород во отсуство на сончева светлина? Некои научници сметаат дека е можно тоа, додека други го оспоруваат тврдењето дека јазлите произведуваат таканаречен „темен кислород“ во темната бездна на морското дно. Ова откритие, детално објавено во списанието „Нејчр геосајенс“, ги оспори долгогодишните претпоставки за потеклото на животот на Земјата и предизвика интензивна научна дебата.
Наодите се значајни и за рударските компании што сакаат да ги ископуваат благородните метали содржани во овие полиметални карпи. Истражувачите велат дека јазлите со големина на компир би можеле да произведат доволно електрична струја за да ја поделат морската вода на водород и кислород, процес познат како електролиза.
Сомнеж врз одамна воспоставената теорија на еволуцијата
Тоа фрли сомнеж врз одамна воспоставената теорија на еволуцијата дека животот станал можен дури пред околу 2,7 милијарди години, кога организмите почнале да произведуваат кислород преку фотосинтеза, за што е потребна сончева светлина.
– Откривањето на кислородот во длабочините на морето го доведува во прашање потеклото на животот – се наведува во соопштението на Шкотското здружение за морска наука.
Еколозите веруваат дека присуството на „темен кислород“ покажува колку малку се знае за животот на овие екстремни длабочини. Тие исто така предупредија дека ископувањето во длабоко море претставува неприфатлив еколошки ризик.
– „Гринпис“ долго време води кампања за запирање на ископувањата во длабоко море во Пацификот поради штетата што може да ја предизвика на деликатните длабокоморски екосистеми – се наведува во соопштението на еколошката организација.
Ова неверојатно откритие на „темен кислород“ е пронајдено во зоната Кларион-Клипертон, огромен подводен регион на Тихи Океан, помеѓу Мексико и Хаваи, кој привлекува зголемен интерес кај рударските компании. Расфрлани низ морското дно на 4 километри под површината, полиметалните нодули содржат манган, никел и кобалт, метали што се користат во батериите на електричните автомобили и други технологии со ниска содржина на јаглерод.
Критики на студијата
Некои научници остро ја критикуваа студијата на морскиот еколог Ендрју Свитмен и неговиот тим дека експлоатацијата на полиметални јазли богати со ретки метали, кои се клучни за модерната технологија, може да ги загрози изворите на кислород и биодиверзитетот на морското дно.
Мајкл Кларк, менаџер за животна средина во компанијата „Металс“, изјави дека студијата е „оптоварена со методолошки недостатоци“ и дека наодите „пологично ѝ се припишуваат на лошата научна техника отколку на никогаш претходно забележан феномен“. Наодите на Свитмен се покажаа како експлозивни, а многумина во научната заедница изразија резервираност или ги отфрлија заклучоците. Од јули, пет академски истражувачки труда што ги побиваат наодите на Свитмен се поднесени на преглед и објавување.
– Тој не презентира јасни докази за неговите набљудувања и хипотези – рече Матијас Хекел, биогеохемичар во центарот за истражување на океаните „Геомар Хелмхолц“ во Кил, Германија.
Многу прашања остануваат отворени по објавувањето на студијата. Научната заедница треба да спроведе слични експерименти и да го докаже или да го побие тоа.