Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во регуларниот дел настапија најдобрите осуммина шахисти по серијата од четири вакви турнири одиграни годинава, а директно во полуфиналето на финалниот турнир во Осло се пласираа Карлсен и Фирузја, кои го освоија првото, односно второто место во регуларниот дел

ФИНАЛЕ НА ГОЛЕМАТА ШАХОВСКА ТУРНЕЈА

Магнус Карлсен против Максим Вашер-Леграв, а Алиреза Фирузја против Јан Непомнијашчи се полуфиналните двојки на големата финална шаховска турнеја, која се игра во живо и треба да заврши денеска во норвешкиот град Осло. Победниците ќе играат во големото финале. Во регуларниот дел на кој настапија најдобрите осуммина шахисти по серијата од четири вакви турнири годинава (од кои еден со класично темпо) и се играше двокружно со време на размислување од 10 минути плус две секунди за секој потег по играч, со дополнителна армагедон-партија ако резултатот биде нерешен, петкратниот светски првак Норвежанецот Карлсен беше прв со шест поени (загуби само од Фирузја 1-2) и заедно со второпласираниот, Французинот Фирузја со пет поени, директно се пласира во полуфиналето, додека последните двајца на табелата отпаднаа од понатамошна конкуренција. Русинот Јан Непомнијашчи и Французинот Вашер-Леграв излегоа како победници во нокаут-етапата за опстанок каде што настапија шахистите пласирани од третото до шестото место, комплетирајќи го фајналфорот. Така, Карлсен вчера во полуфиналето се соочи со Вашер-Леграв, додека Фирузја со Непомнијашчи. Германецот Винсент Кејмер и Белорусинот Денис Лазавик беа „нокаутирани“ во фазата за фајналфорот, додека Американците Левон Аронијан и Весли Со, како последнопласирани во регуларниот дел отпаднаа од конкуренција по првата фаза. Победникот на овој престижен турнир вреден 500.000 долари ќе ги освои титулата и паричната награда од 200.000 долари, а и ќе ја продолжи традицијата на крунисување на шампионот во серијата, подвиг што засега го постигнува само Карлсен во секое издание од почетокот на ова натпреварување во 2020 година.
Досега беа одиграни четири вакви турнири. На првиот (31 јануари-2 февруари) победи Карлсен, на вториот (8-15 мај), но со класично темпо, славеше Фирузја, на третиот (17-24 јули) најдобар беше Вашер-Леграв и на четвртиот (25 септември–1 октомври) прв беше Карлсен. Секое прво место носеше 100 поени, второто 80, а третото 60. Ако еднаш шахистот освои прво место, тогаш нему веќе му е загарантиран финалниот турнир и да не настапува на преостанатите три.
Табела по седмото коло, регуларен дел: Магнус Карлсен (2.831 рејтинг-поени) 6 бода, Алиреза Фирузја (2.763) 5, Јан Непомнијашчи (2.755) 5, Денис Лазавик (2.578) 4, Максим Вашер-Леграв (2.731) 2, Винсент Кејмер (2.733) 2, Левон Аронијан (2.747) 2, Весли Со (2.747) 2.

Г.И.