Три камчиња од Месечината донесени на Земјата по советската лунарна мисија во 1970 година беа продадени во Њујорк за 855.000 долари. Камчињата, по враќањето на сондата „Луна 16“, прво ѝ биле понудени на сопругата на Сергеј Королев, татко на советската вселенска програма, кој починал во 1966 година.
Постигнатата сума е речиси двојно поголема од онаа за која примероците беа продадени претходниот пат, исто така во организација на аукциската куќа „Сотби“. Продадените примероци, колку што се знае, се единствените донесени од Месечината, за време на американските или на советските мисии, а да не се во сопственост на некоја држава. Како доказ дека лунарните мисии сè уште се многу интересни за јавноста, платнената торба во која Нил Армстронг ги донел првите примероци од Месечината била продадена во јули 2017 година за 1,8 милион долари. САД не праќале мисии на Месечината од „Аполо 17“ во 1972 година, додека последниот руски лет до Земјиниот сателит бил во 1976 година.
НАСА сака до 2023 година повторно да испрати мисија на Месечината со човечка екипа, додека Кина има амбиција да изгради база на Месечината.
































