Фото: „Нова Македонија“

Грчкиот премиер обелодени кој е арсеналот за „дисциплинирање на Македонија“

Самиот збор „оружје“, употребен во каква било конотација, макар и симболична, асоцира на непријателски активности кон некого, во случајов кон соседната земја на Грција и на ЕУ, што е спротивно на основното начело на кое инсистира Европа, а тоа се добрососедските односи. Според однесувањето на грчките власти, под добрососедство очигледно подразбираат само сервилен однос на секоја македонска влада кон Грција, без право на некаква забелешка…

 

Се чини дека за Грција, кога станува збор за односите со Македонија, постојат само некакви скриени тајни оружја, без простор за дијалог, сослушување на ставовите на „Втората страна“, уште помалку наоѓање заемно прифатливо решение околу отворените прашања и дилеми

Сите предупредувања дека Преспанската спогодба е асиметрична и дека наметнува обврски исклучиво кон едната страна, во случајот Македонија, се покажаа како целосно оправдани бидејќи Грција сега договорот од Нивици го користи како параван за остварување на нејзината главна цел, земјава да ја држи подалеку од Европската Унија и да ги контролира сите процеси поврзани со европскиот пат.

Иако е повеќе од свесна дека Македонија не ја прекршува Преспанската спогодба, грчката страна врз основа на свое слободно толкување на точките од договорот наметнува перцепција кај меѓународниот фактор дека со колоквијалната употреба на името „Македонија“, без придавката, всушност македонските власти го прекршуваат словото на спогодбата, барајќи уставното име да се применува во согласност со практиката на минатата власт, секаде, па дури и во неформалната индивидуална комуникација.

Откако грчките забелешки не поминаа на НАТО-самитот во Вашингтон, каде што на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му беше јасно предочено дека билатералните недоразбирања мора да се решаваат билатерално, во недостиг од вистински аргументи, грчкиот премиер најави дека Грција ќе употреби некакво „тајно оружје“ за да ја вразуми земјава, сакајќи на тој начин да се оправда пред домашната јавност по очигледното фијаско во Вашингтон.

Грција одвреме-навреме го покажува вистинското лице и тоа не треба да се заборава

Неколку дена по самитот на НАТО, и натаму не стивнуваат реакциите во двете земји, особено анализите какво би можело да биде тоа „тајно оружје“ против Македонија што го спомена Мицотакис.

Самиот збор „оружје“, употребен во каква било конотација, макар и симболична, асоцира на непријателски активности кон соседната земја, што е спротивно на основното начело на кое инсистира Европа, а тоа се добрососедските односи.
Според однесувањето на грчките власти, под добрососедство очигледно подразбираат само продолжување на сервилниот однос на секоја македонска влада кон Грција, без право на некаква забелешка. Затоа со години не ги верификуваа трите меморандума, кои исто така биле „оружје“ во рацете на грчката дипломатија. Се чини дека за Грција, кога станува збор за односите со Македонија, постојат само некакви скриени тајни оружја, без простор за дијалог, сослушување на ставовите на втората страна, уште помалку наоѓање заемно прифатливо решение околу отворените прашања и дилеми.
И додека во јавноста се лицитираше со потенцијалните „тајни оружја“ што Грција би можела да ги употреби против Македонија, деновиве грчките медиуми излегоа со појасна слика за каков „оружен арсенал“ станува збор.

Имено, според грчките медиуми, Грција се подготвува да ги замрзне следните поглавја во преговорите со ЕУ, а можна е блокада и на ЕУ-фондовите. Нејасно е за какви следни поглавја станува збор, кога земјава нема отворено ниту едно.
– Грција очигледно е дека има оружја и не мислам на оружјата што произлегуваат од самиот договор, но најголемото оружје со кое располага е тоа што е „надзорник“ на европскиот тек на Скопје. И факт е дека не може да има никаков пристап до Европа, ниту чекор, ако не се реши прашањето преку јасна изјава на раководството на соседната земја дека ова е името на државата и важи за сите. Односно да се повтори очигледното, она што го имаат потпишано. Не бараме ништо различно. Pacta sunt servanda – рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто дадено во централниот дневник на грчката телевизиска станица Скај.

Понатаму Мицотакис посочи дека за конкретното прашање „Грција не е сама и има поддршка од цела Европа“, а грчката „позиција е апсолутно разбирлива“.

Наместо Брисел, македонските евроинтеграции ги контролираат други соседни центри

Очигледно изјавата на Мицотакис повторно е насочена кон грчката јавност бидејќи притиснат да го објасни наративот со употребата на терминот „тајни оружја“, тој сега се повикува на она што му го овозможи Преспанската спогодба, да биде надзорник врз евроинтегративниот пат на земјава. Со други зборови, договорот од Нивици ја стави земјава во подредена улога кон соседна земја и го наруши нејзиниот суверенитет, што во основа го прави самиот договор нелегитимен оти е склучен спротивно на меѓународноправниот императив, договорите да се склучуваат во духот на добра волја. Се покажа дека тука нема никаква добра волја, туку исклучиво интерес, и тоа грчки.

Без оглед што Мицотакис понатаму во интервјуто за грчките медиуми тврди дека Преспанската спогодба не е нивното оружје, сепак за време на неодамнешниот состанок во грчкото МНР станало збор дискретно да се блокираат преговарачките поглавја за земјава, како и дел од пристапните европски фондови, особено парите од последниот пакет помош што ЕК ги намени за земјите од Западен Балкан.
И ваквиот евентуален грчки потег повторно ѝ ги дава сите меѓународноправни аргументи на Македонија да ја оспори Преспанската спогодба. Ако Грција го замрзне отворањето на преговарачки поглавја, тогаш де факто го замрзнува и самиот Преспански договор, бидејќи неговата имплементација е врзана токму за отворањето на преговарачките поглавја. Претходните македонски власти, работејќи на штета на државата, наметнаа темпо на имплементација на спогодбата и пред отворањето на соодветните поглавја, што ѝ овозможи на грчката страна немо да ги набљудува блокадите на македонските евроинтеграции најпрво од Франција, потоа и од Бугарија. Ако Грција била во позиција на „надзорник“ на евроинтегративниот процес, прашање е зошто седум години не реагираше на ниту една блокада бидејќи тоа е спротивно на она што се бара во Преспанската спогодба. Очигледно „надзорот“ се вклучил во оној момент кога престана перверзната употреба на придавката на места каде што немаше потреба, нешто што очигледно на официјална Атина не ѝ се допаѓа бидејќи досега очигледно уживаше во македонското самопонижување.


Мицотакис: Нашето тајно оружје е тоа што сме надзорник на евроинтеграциите

За добрите познавачи на меѓународното право самата Преспанска спогодба е ништовна по секаква основа бидејќи е спротивна на јус когенс нормата, а сѐ што е спротивно на тоа, ниту смее да се потпише ниту да влезе во меѓународноправниот промет, односно по дефиниција се смета за ништовно.
– Мицотакис вели дека Преспанската спогодба не е неговото оружје, а говори дека Грција ќе била надзорник над македонските евроинтеграции и ќе го користела тој момент за да ја условува земјава. Токму Преспанската спогодба му го даде тоа оружје, со секое отворање на преговарачко поглавје, ние да имплементираме нешто од Преспанскиот договор. Но претходните власти избрзаа да имплементираат сѐ и со неотворени поглавја, па затоа Грција сега е комотна и ќе уценува. Ако тие го замрзнат отворањето на преговарачките поглавја, ние треба веднаш да го замрзнеме имплементирањето на Договорот како прв чекор пред негово поништување во македонското собрание, а потоа да поднесеме барање до Генералното собрание на ОН за прием под уставното име Република Македонија. Само со поништување на овој нелегален договор Македонија може да се врати кон меѓународното право – сметаат експертите.

Во делот на грчките закани за замрзнување на европските фондови наменети за Македонија, аналитичарите сметаат дека тоа би било контрапродуктивно во моменти кога Европа сака да најде решение за конфликтните состојби во Украина.
– Грците во овој момент се дел од сите овие случувања во Европа. Тие исто така, во дел од разговорите на самитот, знаат што е приоритет сега, како ќе се организира НАТО во иднина, како ќе се организира Европа безбедносно и за сигурноста на граѓаните. На Европската Унија сега најмалку ѝ е потребно вето од Грција, а Грците многу добро го знаат тоа. За нешто за што имаме толку многу аргументи на наша страна, ги сменивме регистарските таблички, пасошите ги сменивме, од македонска страна направивме многу работи, апсолутно не треба да стравуваме од некакво грчко вето бидејќи и Грција, на некој начин, ќе добие опомена од менторот САД, кои ќе посочат дека има ситуација што мора да се реши со мировен крај, чесен мир, без капитулации, ќе побараат да се обединиме и да најдеме заедничко решение, а не да почне турско-кипарски грчки спор, македонско-грчки спор. Таа работа не оди во прилог на она што се бара, односно она што го бараат Унијата и САД од сите земји членки на НАТО. Значи, ветото во овој момент не е добра одлука – вели Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор, во гостувањето на емисијата „Само вистина“.

Тој изрази оптимизам дека со Грција и Бугарија овој пат Македонија нема да има вето бидејќи тоа не ѝ одговара во овој момент на ЕУ.