Фото: Пиксабеј

Техно

Во Боулинг Грин, третиот по големина град во Кентаки, локалната самоуправа користеше вештачка интелигенција (ВИ) за да добие мислење од што е можно повеќе граѓани за развојот на градот до 2050 година. Наместо класични форуми што собираат само неколку луѓе, на платформата Полис беше лансирана онлајн анкета, а анализата беше направена со помош на алатката Сенсмјкер од инкубаторот Џигсо на Гугл.
Во текот на 33 дена учествуваа речиси 8.000 жители, со повеќе од милион гласа и околу 4.000 предлози – од нови музеи и пешачки зони до зелени површини и здравствени институции. Сенсмејкер издвои 2.370 идеи за кои се согласија до 80 отсто од учесниците, како што се отворање повеќе ресторани на северот од градот и пренамена на празни деловни простории.
Организаторите велат дека форматот привлекол луѓе што вообичаено не учествуваат во јавни дебати, вклучувајќи имигранти и политички неактивни граѓани. Анкетата беше достапна на повеќе јазици, а одговорите беа автоматски преведени. Џигсо истакнува дека кога идеите се анонимни и без политички етикети, учесниците покажуваат висок степен на согласност.