Голем дел од неофицијалните маневри на Трамп и неговите советници за надворешна политика се случија надвор од центарот на вниманието, каде што другите лидери ги искористија приватните разговори со Трамп за да ги изразат своите грижи и да ги проценат плановите на Трамп за трговијата, трошоците за одбрана и за други прашања. Дел од надворешнополитичките маневри на новоизбраниот американски претседател се одиграа на важни јавни настани, како што е појавувањето на Трамп заедно со францускиот претседател Емануел Макрон на повторното отворање на Богородичната црква во Париз месецов. За време на посетата, Трамп се сретна со Макрон и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговараат за војната во Украина
Со исчезнување на релевантноста на Џо Бајден на светската сцена
Напорите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за преобликување на надворешната политика на САД веќе се во тек, преку приватни состаноци со светски лидери, клучни назначувања на функции и јавни изјави, чија цел е поставување на агендата за неговата претстојна администрација.
Од неговата изборна победа во ноември, Трамп брзо го смени претседателот во заминување Џо Бајден во главната улога во надворешнополитичките разговори во Вашингтон и во странство, овозможувајќи му на неговиот транзициски тим неформална дипломатска операција, додека американските сојузници, како и ривалите, го насочуваат нивното внимание кон неговиот втор мандат.
– Тоа е невообичаено, бидејќи новоизбраните претседатели обично сакаат или да останат настрана и да се подготвуваат или да се однесуваат како да се настрана од функцијата – вели Даниел Фрид, поранешен висок функционер на Стејт департментот, кој беше амбасадор на САД во Полска.
Но Трамп сѐ повеќе го засенува Бајден на светската сцена пред промената на власта во јануари.
Дел од надворешнополитичките маневри се одиграа на важни јавни настани, како што е појавувањето на Трамп заедно со францускиот претседател Емануел Макрон на повторното отворање на Богородичната црква во Париз месецов. За време на посетата, Трамп се сретна со Макрон и со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговараат за војната во Украина.
Трамп, исто така, предизвика дебата во однос на неговите планови за надворешната политика во вториот мандат, избирајќи ги сенаторот Марко Рубио, конгресменот Мајк Волц и други да служат на највисоките административни позиции. А Трамп ја искористи можноста, како поранешен и наскоро иден претседател, да се осврне на големите меѓународни случувања, како што е падот на режимот на Башар ал Асад во Сирија, во објави на социјалните мрежи и во интервјуа за медиумите.
Но голем дел од неофицијалните маневри на Трамп и неговите советници за надворешна политика се случија надвор од центарот на вниманието, каде што другите лидери ги искористија приватните разговори со Трамп за да ги изразат своите грижи и да ги проценат плановите на Трамп за трговијата, трошоците за одбрана и за други прашања.
Шефовите на европските држави се залагаат за континуирана поддршка на САД за Украина во телефонските разговори со Трамп во последните недели, според европски функционер запознаен со дел од разговорите, кој побара да остане анонимен.
Членовите на транзицискиот тим на Трамп, исто така, почнаа приватно да разговараат со украинските власти за да дискутираат за следната фаза од војната, пред тригодишнината од избивањето на конфликтот, во февруари.
– Работевме директно со неговиот тим. Се подготвуваме Трамп да ја преземе функцијата – изјави Олександра Устинова, членка на парламентот во Украина.
Одредени сојузници на САД отпатуваа до имотот на Трамп на Флорида за и лично да побараат негово мислење. Рон Дермер, главен пратеник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се состана со Трамп во Мар-а-Лаго една недела по изборите, за да разговара за војната на Израел со Хамас и со Хезболах. Посетата дојде три месеци откако Нетанјаху одлета во Мар-а-Лаго во пресрет на ноемвриските избори.
„Њузвик“ побара коментар од транзицискиот тим на Трамп. А транзицискиот тим на Трамп беше брифиран и од претставници на администрацијата на Бајден за прашањата за надворешната политика и националната безбедност.
Претставници на актуелната претседателска администрација контактирале се транзицискиот тим за да разговараат за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, а исто така разговарале со советниците на Трамп и за пристапот на неговата администрација кон Сирија, според претставник на Белата куќа.
Белата куќа „обично е свесна за состаноците на странски лидери“ со новоизбраниот претседател пред тие да се случат и не е затечена од телефонските повици на Трамп со шефовите на држави, рече претставникот на администрацијата, кој зборуваше под услов да остане анонимен.
– Сите го имаме тоа предвид – рече функционерот за претстојното враќање на Трамп на претседателската функција.
Сепак, Белата куќа останува силно ангажирана во надворешната политика во последните недели пред Трамп да ја преземе функцијата, додаде официјалниот претставник, наведувајќи ги неодамнешните патувања на Бајден во Африка и на самитот на Г20 во Бразил.
– На крајот на денот има само еден претседател – кажа функционерот.
Но поранешни дипломати, аналитичари за надворешна политика и други рекоа дека релевантноста на Бајден на светската сцена брзо исчезнува.
– Не е изненадувачки што странските лидери се насочуваат кон Трамп. Луѓето знаат дека доаѓа нов човек и тие обрнуваат внимание – објаснува Џон Хербст, поранешен американски амбасадор во Украина.