Илустрација: Миро Георгиевски

Дали сте знаеле…

Описите на рајската градина и на ковчегот на Ное во Библијата како да прават попис на сѐ што виреело и растело и на сѐ со што се хранеле луѓето пред дваесет и повеќе века. Аристотел, таткото на сите науки и на биологијата, прв ја регистрирал исхраната на Македонците во школите и самиот го надгледувал приготвувањето на храната за македонското племство.
Теофилакт, учениот наследник на Аристотеловата научна мисла, ја продолжил работата на попишување на сите животни и билки во Македонија.
Првите описи на разновидниот животински и ботанички свет се направени на македонско поднебје. Храната била и останала да се третира и како лек, превентива и средство за имунитет. Македонија, како земја со многу сончеви денови и изобилство на вода од реките и езерата, е погодна почва за виреење на разновидни растенија. Лукот, кромидот, морковот, зелката, разни салати и овошје врзувале една сезона со друга. Низ шумите растеле леска, бадем, орев, костен како резервоар на минерали.
Јаболкото, дуњата, грозјето служеле за храна, но и за правење сокови и други напивки. Покрај виното, се користеле и пиво и минерална вода во многубројните светилишта, каде што имало и бањи. Во енциклопедиите пишува дека афионот од Македонија со виолетова боја бил најквалитетен во светот. Од него се правеле лекови за намалување болка, кои се користеле при хируршки интервенции, но и при пораѓање на бремените жени. Алкохолот служел за дезинфекција на грлото, за чистење на раните, како превенција од инфекции, исто како денес.
Грижата за лековитоста на храната се должела на високиот степен на развој на науката во Македонија. Предност во исхраната имала најкалоричната храна, за да ги одржува енергијата и здравјето.
Древните Македонци биле крупни русокоси луѓе, со голема уметничка и воена дарба. Можеби тоа делумно се должело на фактот што се хранеле со чиста протеинска храна од разновиден дивеч. Еленот, зајакот, козите, волкот и птиците се овековечени во мозаиците што ги има во повеќе антички локалитети низ Македонија: Стоби, Хераклеја, Лихнида, Пела, Дион, Ефос…
Описи за тоа како ловеле и што јаделе Македонците има и во Библијата, во „Илијада“, во записите на генералите на Александар Македонски… Од нив најдобро дознаваме што јадела и што пиела македонската војска на прославите по битките. На сите статуи божицата Артемида е во придружба на елен.
Исто така, во сите светилишта кога се славела плодноста се жртвувало јаре, а на секој празник се колеле по 100 животни за бериќет и успех. Со печеното месо се пиело вино и се јадел леб, со салати и разно овошје.
И подоцна низ вековите, погачата, месото, зеленчукот и виното биле поим за богат ручек.

(Извадок од книгата „Храната на древните Македонци“ на Ангелина Маркус)