Се навршија 270 години од раѓањето на Волфганг Амадеус Моцарт
Австрискиот композитор Волфганг Амадеус Моцарт е роден на 27 јануари 1756 година во Салцбург, од татко Леополд Моцарт (1719–1787) и мајка Ана Марија, моминско презиме Пертл (1720–1778). Неговиот татко бил угледен виолинист, композитор и педагог, па токму тој имал клучна улога во музичкото воспитување на својот син. Мајка му се грижела за домот и за децата.
Детството на Волфганг Амадеус Моцарт е едно од најфасцинантните и најдобро документирани детства во историјата на музиката, бидејќи неговиот талент се појавил извонредно рано.
Уште на тригодишна возраст, Волфганг покажувал исклучителна музичка меморија и слух. На четири години свирел клавир без формално учење, а на пет години веќе компонирал кратки музички дела. Леополд брзо сфатил дека станува збор за редок гениј и почнал систематски да го образува, но и да го претставува пред европската аристократија.
Заедно со својата постара сестра Марија Ана, исто така талентирана пијанистка, Моцарт уште како дете патувал низ Европа. Настапувал во Минхен, Виена, Париз, Лондон, Хаг, како и во други големи градови. Концертите често траеле со часови, а публиката била восхитена од неговата способност да свири на прва, да импровизира и да препознава тонови со затворени очи.
Иако овие патувања му донеле слава, детството на Моцарт не било лесно. Честите патувања, болестите и строгата дисциплина оставиле траги. Тој имал малку време за обично детско играње и образование надвор од музиката. Сепак, Моцарт бил љубопитно и весело дете, со силна имагинација и смисла за хумор, што подоцна се гледа и во неговите писма, но и во музиката.
До својата десетта година, Моцарт веќе бил признаен како музичко чудо од дете во цела Европа, а темелите на неговиот гениј биле цврсто поставени токму во тоа необично, интензивно детство.
Моцарт е автор на 179 музички дела и се смета за еден од најголемите композитори на европската класична музика. Тој создал неверојатно големо дело на камерни, симфониски, религиозни и оперски дела за различни соло-инструменти, особено за пијано. Негови најпознати дела се оперите „Волшебната флејта“, „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Жуан“. Има верувања дека музиката на Моцарт, која се користи во музикотерапијата, има позитивно влијание на пациентите.
Големиот композитор починал на 5 декември 1791 година во Виена заборавен од сите. Бил погребан во заедничката гробница за сиромашни, а неговиот сандак не го испратил никој, освен неговото куче.
Подготвила: М.Т.
































