Како Македонците ги граделе Солун, Софија, градови во Србија, Романија… (1)

Во првата половина на 19 век во Солун опстојувале повеќе семејства од Дебарската Област. Тие, пред сѐ, се занимавале со занаетчиство и трговија. Притоа биле организирани во занаетчиски и трговски еснафи, кои одржувале врски со повеќе македонски градови, но и со своите родни краишта

  • Во првата половина на 19 век во Солун опстојувале повеќе семејства од Дебарската Област. Тие, пред сѐ, се занимавале со занаетчиство и трговија. Притоа биле организирани во занаетчиски и трговски еснафи, кои одржувале врски со повеќе македонски градови, но и со своите родни краишта

Во текот на 18 век при самоволијата на Али-паша Јанински, а и потоа за време на судирите и борбите за превласт помеѓу првенци од албанско потекло, мнозина работоспособни дебранци (христијани) во потрага по обезбедување економска егзистенција почнале да одат на печалба во разни предели на империјата. Со текот на времето, некои од нив почнале да ги повлекуваат и своите семејства.

Преродбата во Солун со дебранците

Солун бил општествено-економски и културнo-просветен центар на османлиска Македонија. Покрај тоа, Солун бил седиште на истоимениот вилает. Во овој космополитски град доминирало еврејското население, но покрај него тука живееле етнички Турци и Грци, но и значаен дел македонско христијанско население, кое припаѓало кон разни конфесионални заедници. Многумина од христијанското население во Солун биле доселеници од разни краишта на османлиска Македонија, меѓу кои имало и дебранци. Така, во првата половина на 19 век во Солун опстојувале повеќе семејства од Дебарската Област. Тие, пред сѐ, се занимавале со занаетчиство и трговија. Притоа биле организирани во занаетчиски и трговски еснафи, кои одржувале врски со повеќе македонски градови, но и со своите родни краишта. Во почетокот на 19 век, односно во 1805 година, дебранци основале параклис, во кој тајно се служела литургија на црковнословенски јазик, при што го негувале и македонскиот народен говор. Веќе во 1817 година, шивачкиот еснаф на дебранците си составил дарителен поминок на народен македонски говор. (*Ив.Снегаров, Взраждение на блгарштината в Солун, „Македонски преглед“ Г.Х, Кн 1 и 2, Софија, 1936, 9).
Во 1832 година, истите еснафи отвориле ќелијно училиште. Притоа за учител го ангажирале монахот Исаија од Ресен, кој неколку години ги учел бесплатно нивните деца. Издршката на училиштето ја презел во своја грижа шивачкиот еснаф. Веќе во 1835 година презеле иницијатива за отворање народно училиште и црква, во кои наставата и богослужбата требало да се изведуваат на црковнословенски и македонски народен говор, но во тоа биле попречени од патријаршиските црковни власти. Набрзо Теодосиј Синаетски отворил печатница на словенски јазик, но таа изгорела во пожар. Во 60-тите години на 19 век во Солун е направен нов обид за отворање училиште на народен македонски говор и за подигање црква во која ќе се богослужи на црковниот јазик. Меѓутоа и оваа идеја на Македонците во Солун била дочекана со антипатија од солунскиот патријаршиски митрополит Неофит. Митрополитот, како и приврзаниците на грчкото влијание, не само што не дозволил отворање училиште на македонски говор и црква со црковнословенски јазик туку наредил да се соберат и да се запалат сите словенски книги. (*Николај Генчев, Пглед врхупросветното движение во Македонија през XIX в. до 1878 г. 36: Пламкт на Солунскија светилник, (Софија1970), 58).

Солун во денешно време / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во 60-тите години на 19 век, значајна улога за активирање на училишното и црковното прашање во Солун врз словенска основа одиграло семејството Држилович. Непосреден иницијатор за отворањето на првото училиште и општина во Солун секако бил Ѓорѓи Динков-Динката (1839-1879). Првото училиште на словенски јазик во Солун било отворено во куќата на Велика и Костадин Држилович во 1865 година. Училиштето прво функционирало тајно, а во него учителствувала Славка Динкова (1847-1878) (*Б.Ристовски, Славка Динкова-основател на првото македонско училиште во Солун „Просветно дело“, XIV/1-2, Skopje, 1958, 62-69; Доне Пановски, Просветителска работа на Славка Динкова и Ѓорѓи Динков-Динката, 36.) Училиштето започнало со помал број ученици, но веќе во 1868 година тоа имало 132 ученици.
Поради недостиг од основни материјални средства, училишното настојништво и учителката Славка Динкова испратила апел за помош. Притоа помошта од некои светогорски манастири од архимандритот Павел Граматиков-Божигробски, од Д. Биолчев, од еснафските здруженија, меѓу кои и дебарскиот шивачки еснаф, не била доволна.
Во меѓувреме, (1867 година) во Солун напредувала иницијативата за формирање посебна црковно-училишна општина врз словенска основа. Преку неа всушност требало да бидат задоволени црковно-просветните потреби на Македонците во Солун.
Поради тоа, во средината на 1867 година, откога биле изведени училишните испити, еснафите и граѓанската класа формирале тричлена училишна комисија, која требало да се грижи за училишните потреби. Станува збор за Константин Држилович, Вело Негрев и Никола К. Паун-Алексиев. Така, според пишувањето на Владислав Алексиев, неофицијално почнала да функционира Солунската црковно-училишна општина. (Владислав Николов Алексиев (1884-1926) е син на Царевка Миладинова, и е роден во Солун. Учителствувал во Солунската гимназија (1909-1912), а потоа во Софија). Притоа, значаен придонес за основањето и за дејствувањето дале солунски граѓани Вангел Блаже и Јосиф Терзијата, кои биле родум од Дебар.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

продолжува