Собранието на Советот на Европа ќе продолжи да притиска за гласање за приемот на Косово, бидејќи неодржувањето не е опција, но противењето доаѓа не само од Германија туку и од Франција и од Италија, наведува „Еурактив“, повикувајќи се на германски извор запознаен со ситуацијата
Кандидатурата на Косово за прием во Советот на Европа наидува на противење од европските клучни играчи
Со стагнацијата на обидот на Косово за приклучување на Советот на Европа (СЕ) зачестија информациите дека процесот е попречен од Франција и од Италија, кои претходно важеа за цврсти поддржувачи на приемот на Косово во европската институција, објавува бриселскиот портал „Еурактив“.
Во март Комитетот за политички прашања и демократија на организацијата за човекови права со седиште во Стразбур препорача Косово да биде покането да стане членка на Советот на Европа, при што парламентот на организацијата веќе во април убедливо гласаше во полза на пристапот на Косово.
Сепак, Косово сè уште треба да обезбеди двотретинско мнозинство во Комитетот на министри за да го реализира приемот во СЕ. Гласањето закажано за мај беше одложено поради германските барања во последен момент, според кои треба прво да биде формирана заедницата на српските општини (ЗСО) на Косово, што претставува апел и од ЕУ.
Германската влада најверојатно ќе инсистира на формирање на заедницата на српските општини во северно Косово пред да даде зелено светло за Косово да ѝ се приклучи на организацијата за човекови права со седиште во Стразбур, Советот на Европа, според коментарите дадени за „Еурактив“.
Не се очекува исполнување на надежите на Приштина за скорашно гласање
Во Приштина имаше надежи дека гласањето ќе се одржи до крајот на годинава, но германски извор запознаен со состојбата, во изјава за „Еурактив“, наведува дека најверојатно нема да се случи тоа.
– Досега нема гласање во Советот на министри на владите за прием на Косово во Советот на Европа. Всушност, постои јасно двотретинско мнозинство. Но моментумот е во ризик да се загуби – изјави изворот за „Еурактив“.
Изворот додава дека собранието на Советот на Европа ќе продолжи да притиска за гласање, бидејќи неодржувањето не е опција, но противењето доаѓа не само од Германија, туку и од Франција и од Италија.
– Германскиот канцелар беше наизменично отворен за пристапување на Косово, министерот за надворешни работи беше одлучен, но оние што навистина ја закочија работата беа Италијанците и Французите – наведе германскиот извор, додавајќи дека има „шпекулации“ оти причините можеби се чувствителни и поврзани со Србија.
Борбените авиони влегоа во спорот
За тоа што би можело да ја мотивира Франција да го блокира приемот на Косово, германскиот извор вели: „Макрон сакаше да склучи договор со Србија за продажба на борбени авиони“.
На крајот на август, францускиот претседател Емануел Макрон се состана со својот српски колега Александар Вучиќ за да разговараат за договор вреден 2,7 милијарди евра за продажба на 12 нови борбени авиони „рафал“ на Србија. Освен авионите, договорено е Франција да ѝ обезбеди на Србија резервни мотори и делови, како и комплетен помошен логистички пакет.
Зборувајќи за авионите, Вучиќ за медиумите изјави дека тие „ќе придонесат за значително зголемување на оперативните способности на српската армија“.
Набавката исто така означи значителна промена во надворешната политика и безбедносната позиција на Србија, со насочување кон Западот. Тековните односи на Белград со Москва, вклучувајќи ги и договорите за оружје, беа трн во окото на ЕУ, уште повеќе откако изби војната во Украина во февруари 2022 година.
– Вучиќ многу отворено и самоуверено кажа дека има свои партнери во владите на Советот на Европа, кои на крајот ќе го спречат пристапувањето на Косово – додава изворот на „Еурактив“.
Косово ја стави кампањата во мирување
За да го забрза пристапниот процес во СЕ, косовската влада вети преземање одредени мерки. Но со застојот на напорите, „Косово засега ја стави во мирување ветената либерализација, за која тамошните власти би морале да потрошат многу политички кредити“, според изворот на „Еурактив“.
Што се однесува до тоа што би помогнало да се деблокира ситуацијата, Германија сè уште сака Косово да формира заедница на српски општини, за што специјалниот пратеник на ЕУ во регионот, Мирослав Лајчак, претстави план во есента 2023 година.
– Штом ќе се преземе овој чекор, гласањето во Комитетот на министри на СЕ може да се стави на дневен ред со доволно можности за двотретинско мнозинство меѓу земјите членки што имаат право на глас – изјави портпарол на Министерството за надворешни работи изјави за „Еурактив“.
Создавањето ЗСО не е формален услов за приклучување кон организацијата за човекови права со седиште во Стразбур, а Приштина и понатаму се двоуми, стравувајќи дека ќе го прекрши сопствениот устав или дека ќе му даде преголема моќ на Белград. Р.С.
Италија застана на страната на големите играчи
Иако противењето на Франција може да се објасни, барем делумно, со продажбата на борбените авиони „рафал“, противењето на Италија е малку потешко за разбирање. Рим го призна Косово, има блиски врски со соседна Албанија и нема познати договори со Белград.
Поранешен британски владин функционер изјави за „Еурактив“ оти е точно дека „Макрон и Шолц се оддалечија од Курти“, како и дека „Италија сака да остане на иста страна со големите играчи – Германија и Франција“. Р.С.
Курти се опира на западниот притисок за компромис со Србија
Косово планира да оствари целосен суверенитет над своите внатрешни работи и ќе се спротивстави на западниот притисок да направи компромис со Србија, кажа косовскиот премиер Албин Курти во интервју за британски „Фајненшл тајмс“.
Бранејќи ја низата потези на Приштина што му го одзедоа влијанието на Белград врз аспектите на животот во Косово, Курти изјави дека неговата политика била насочена „не против Србите, туку против нелегалните активности на Србија на Косово“.
Но западните сили стравуваат дека неговата цврста линија повторно ќе ги разгори тензиите меѓу Косово и Србија, кои ги заглавија во конфликт по распадот на поранешна Југославија, со што би можела да биде загрозена стабилноста на Европа, заклучува „Фајненшл тајмс“. Р.С.