Црниот дроб е еден од најважните органи во нашето тело – тивок и вреден, постојано филтрира токсини, помага во варењето и складира енергетски резерви. Сепак, овој витален орган често страда незабележано, сè додека не биде предоцна. Едно од најчестите нарушувања на модерната ера што го зафаќаат црниот дроб е стеатозата или замастен црн дроб – состојба што не боли, туку полека го поткопува здравјето одвнатре. Поврзана е со современиот начин на живот, лошите навики во исхраната и метаболичките нарушувања, а доколку не се открие и третира навреме, може да доведе до сериозно оштетување на црниот дроб.
Замастен црн дроб или стеатоза е состојба што се јавува кога вишокот маснотии се акумулираат во црниот дроб. Тоа се случува од повеќе причини – поради прекумерно внесување алкохол, дебелина, дијабетес, високо внесување шеќер и масти, како и генетска предиспозиција. Маснотиите во црниот дроб можат да доведат до оштетување на клетките и намалена функција на црниот дроб, витален орган одговорен за голем број функции – варење, детоксикација, производство на протеини и регулирање на шеќерот во крвта. Замастениот црн дроб, во тешки случаи, може да напредува во посериозни состојби, како што се воспаление на црниот дроб (стеатохепатитис), фиброза и цироза. Замастениот црн дроб обично нема симптоми во раните фази. Сепак, како што напредува болеста, може да се појават замор и исцрпеност, болка или непријатност во горниот десен дел од стомакот, губење апетит или чувство на ситост по мали оброци и зголемување на телесната тежина. Гадење и повраќање се јавуваат кај потешки форми на замастен црн дроб. Болката во зглобовите може да биде поврзана и со воспалителните процеси што се јавуваат кај замастениот црн дроб.
Правилната исхрана игра клучна улога во „одмастувањето“ на црниот дроб, а главната цел е да се намали внесувањето масти, особено заситени и трансмасни киселини, шеќер и рафинирани јаглехидрати. Зголеменото внесување влакна, протеини, овошје, зеленчук и здрави незаситени масти може многу да помогне. Заситените масти, кои треба да се избегнуваат, се наоѓаат во месното месо, пржената храна, полномасните млечни производи и заситените масла како што е кокосот. Наместо тоа, препорачливо е да се консумираат незаситени масти, кои се наоѓаат во јаткастите плодови, семките, маслиновото масло, авокадото и рибата. Важно е да се намали внесувањето храна полна со шеќер и рафинирани јаглехидрати – слатки, газирани пијалаци, бел леб и печива, и да се избираат интегрални житарки, овошје и зеленчук, кои се богати со растителни влакна, антиоксиданти и витамини. Протеините играат важна улога во здравјето на црниот дроб, но треба да консумирате посни протеини – пилешко месо без кожа, мисирка, риба, јајца, мешунки и јаткасти плодови.