Односите меѓу Индија и Пакистан претставуваат еден од најдолгите и најсложени конфликти во модерната историја. Од поделбата на британската колонија Индија во 1947 година и создавањето независен Пакистан, двете земји се вмешани во низа конфликти, војни и дипломатски кризи, а прашањето за Кашмир останува централна точка на нестабилност. Иако се поврзани со заедничка историја, култура и цивилизациско наследство, Индија и Пакистан се развија во спротивни политички насоки – секуларна демократија наспроти исламска република – што дополнително ги продлабочи нивните разлики. Историјата на нивните односи ги одразува не само регионалните тензии туку и пошироките безбедносни предизвици во Јужна Азија, вклучувајќи ги трката во вооружување, нуклеарната рамнотежа и улогата на големите сили
„Геополитика“, поттикната од сѐ уште актуелниот воен инцидент на Средниот Исток меѓу двата соседа и нуклеарни сили, Индија и Пакистан, прави еден кус историски пресек на настани и потсетува на факти во кои ја става Британија (Обединетото Кралство) во фокусот на својата аналитичка опсервација, претставувајќи политики на Лондон како генератор за длабоки и перманентни безбедносна жаришта
Односите меѓу Индија и Пакистан се обликувани од децении историски тензии, но нивните корени одат многу подлабоко – во периодот пред 1947 година, кога обете земји беа дел од тогашната Британска Индија. Таа колонија, наречена скапоцен камен во круната на Британската Империја, беше клучна за интересите на Обединетото Кралство. Иако регионот е богат со природни ресурси, многубројни внатрешни проблеми – вклучувајќи меѓуетнички тензии, растечки барања за независност и економски притисок врз британската власт – доведоа до неизбежен крај на британското колонијално владеење.
Британска Индија беше исклучително сложен политички ентитет. Покрај териториите под директна британска власт, таа се состоела од 584 полуавтономни кнежевства, управувани од локални владетели – махараџи, низами и султани. Иако формално го признаваа британскиот суверенитет во надворешната политика, многу кнежевства уживаа висок степен на внатрешна автономија. Населението на кнежевства во голема мера беше составено од муслимани или хиндуисти – што дополнително го комплицираше прашањето за припадност кон новите држави. За време на процесот на деколонизација, британските власти одлучија да им дадат на кнежевствата слобода на избор: тие би можеле да се приклучат кон Индија, Пакистан или, теоретски, да останат независни. Сепак, се очекуваше тие да се приклучат кон една од двете нови држави врз основа на географската близина и религиозното мнозинство на населението. Всушност, многу од одлуките за анексијата беа далеку од едноставни, предизвикувајќи низа спорови – вклучувајќи го и оној во Џаму и Кашмир – кои остануваат нерешени до ден-денес.
Поларизацијата помеѓу хиндуистичкото мнозинство и муслиманското малцинство беше длабоко вкоренета и кулминира во пресрет на британското заминување. Еден од најкрвавите инциденти се случил во Калкута во 1946 година, познат како Ден на директната акција, кога околу 4.000 луѓе загинале за време на судирите меѓу хиндусите и муслиманите. Овој настан предизвика бран насилство низ целата колонија, што дополнително ги убеди британските власти да ја повлечат својата администрација и да дозволат создавање две независни држави.
Под водство на Индискиот национален конгрес, Муслиманската лига и со посредство на вицекралот Луис Маунтбатен, во август 1947 година беше донесен Законот за независност на Индија. Со него Индија и Пакистан станаа суверени држави. Територии како Бенгал и Пенџаб беа поделени по религиозни линии, предизвикувајќи ја најголемата присилна миграција во 20 век – повеќе од 10 милиони луѓе беа принудени да се преселат, а стотици илјади загинаа во меѓуетничко насилство.
Нерешената судбина на Кашмир
Иако Британците формално го напуштија Индискиот Потконтинент, нивното заминување остави голем број нерешени територијални и политички прашања, од кои најексплозивно беше прашањето за Џаму и Кашмир. Ова претежно муслиманско кнежевство, со голем број сики бегалци и хиндуистички владетел, махараџата Хари Синг, не одлучи веднаш да се придружи ниту кон Индија ниту кон Пакистан, надевајќи се дека ќе ја зачува својата независност. Таквата позиција стана неодржлива веќе неколку месеци по поделбата, кога паштунските сили од Пакистан, поддржани од Исламабад, го нападнаа регионот во октомври 1947 година. Припадниците на паштунските племиња, мотивирани од религиозна страст и желба за грабеж, тргнаа да го освојат главниот град Срингар, каде што се надеваа дека махараџата Хари Синг ќе му го предаде Кашмир на Пакистан. Инвазијата набрзо станала хаотична – племенските припадници на пат кон Срингар ограбувале, извршувале злосторства против цивили и со тоа го забавиле нивниот напредок кон главниот град на регионот. Махараџата бега во Џаму, од каде што испраќа барање за воена помош од Индија. Хари Синг ја обвини пакистанската влада дека им дозволила на Паштуните да влезат во Кашмир, што предизвика муслимански бунт во градот Пунч. Ним им се придружуваат пакистанските сили и заеднички преземаат дел од Кашмир. Во замена за интервенција, Синг го потпишува Инструментот за пристапување, со кој Кашмир формално станува дел од Индија – давајќи му на Њу Делхи уставна и законска основа за воена одбрана на регионот.
Кон крајот на октомври 1947 година, индиските сили пристигнаа на помош, протерувајќи ги Паштуните од Кашмир и влегувајќи во конфликт со пакистанската и бунтовничката армија. Ова го означува почетокот на првата индиско-пакистанска војна. Првичната офанзива на пакистанските сили во ноември беше многу успешна и пакистанските сили освојуваат територија на север и запад од Кашмир. Заземањето на западниот град Мирпур беше обележано со масакр во кој беа убиени околу 20.000 немуслимански цивили. Индија започна контраофанзивни операции и успеа да ослободи големи делови, како што е Пунч. До крајот на 1948 година, стана очигледно дека конфликтот стигнал до ќор-сокак и дека ниту една страна не била успешна. Затоа, во април 1948 година, Џавахарлал Нехру, премиерот на Индија, побара резолуција на Советот за безбедност на ООН, на која Пакистан се спротивстави бидејќи се плашеше дека интернационализацијата на спорот за Кашмир ќе ги легитимира постапките на Индија.
Повикувајќи се на членот 35 од Повелбата на Обединетите нации, Индија побара меѓународна медијација за решавање на конфликтот со Пакистан. Како одговор, Советот за безбедност на ООН ја донесе Резолуцијата 39 во 1948 година, со која се основа Комисијата на Обединетите нации за Индија и Пакистан (УНЦИП). Задачата на УНЦИП беше да набљудува, да посредува и да дава препораки со цел да се зачуваат мирот и стабилноста во регионот Кашмир. На 21 април 1948 година, Советот за безбедност ја усвои Резолуцијата 47, со која нареди прекин на огнот и побара од пакистанската влада да обезбеди повлекување на своите редовни и нерегуларни сили, вклучувајќи ги и племенските милиции, од територијата на Кашмир. Потоа од Индија беше побарано да го намали сопственото воено присуство во регионот на минимум, со цел да се создадат услови за слободен и фер плебисцит на кој народот на Кашмир ќе одлучи за својот иден статус – присоединување кон Индија или кон Пакистан. Договорот од Карачи постави линија на прекин на огнот во која Индија доби приближно 60 отсто, додека Пакистан доби приближно 40 отсто од Кашмир. Прекинот на огнот формално стапи во сила на 1 јануари 1949 година, со што заврши Првата индиско-пакистанска војна. Сепак, и покрај резолуциите и дипломатските напори, договорениот плебисцит никогаш не беше спроведен, оставајќи го прашањето на Кашмир нерешено.
Иако конфликтот во Кашмир првично беше ограничен на територијален спор меѓу Индија и Пакистан, во средината на 20 век во регионот се појави и Народна Република Кина. Кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1906-тите, граничните спорови значително ги влошија кинеско-индиските односи, особено во регионот Аксај Чин – област што Индија ја сметаше за дел од Кашмир. Во кинеско-индиската војна, Кина ја презеде контролата врз областа Аксај Чин, а Пакистан потпиша договор со кинеската влада за отстапување дел од територијата северно од Кашмир. Со ова, Кина доби приближно 10 отсто од територијата во регионот. Ова воспостави позитивни дипломатски односи меѓу Пакистан и Кина, кои продолжуваат до ден-денес.
Војна без победници: Вториот оружен конфликт меѓу Индија и Пакистан
И покрај потпишаното примирје, граничните конфликти не престанаа. Имено, во источниот дел од пустината Тар, во солените рамнини Ран оф Куч, во 1964 година беа откриени нафтени наоѓалишта. Границите во пустината Тар не беа јасно дефинирани, а двете земји поставија полициски гранични пунктови по целата граница. Затоа, во април 1965 година, Пакистан ја започна операцијата „Пустински јастреб“, во која пакистанските специјални сили се обидоа да го освојат Ран оф Куч. По три месеци конфликт, се покажа дека Пакистан е значително поподготвен. Поради неодамнешната смрт на тогашниот премиер Џавахарлал Нехру, индиската влада беше нестабилна, па индиските сили не беа подготвени за конфликт во регионот, што резултира со нивно повлекување и губење дел од територијата на регионот Куч. Беше потпишано примирје и беа договорени граници во регионот.
И покрај територијалните добивки, главната мисија на оваа операција не беше да се освојат делови од покраината Куч, туку да се тестира одговорот на Индија на директна конфронтација, како и да се повлечат индиските оклопни сили на југот од земјата, подалеку од Кашмир и регионот Пенџаб. Задоволно од успехот, пакистанското раководство ја започнува операцијата Гибралтар.
Мислав Поховски
(Продолжува)