Во последно време американскиот печат обрнува исклучително внимание на состојбата на Блискиот Исток, а деновиве има дополнителни теми за релациите меѓу Иран и Израел. Медиумите отворено пишуваат за потенцијалниот воен судир меѓу двете споменати блискоисточни држави како реална можност. Исто така се пишува дека Иран веќе е подготвен за напад со тоа што чека соодветен момент, а од друга страна се нагласува дека Израел е подготвен за одбивање напад од страна на Иран. Сѐ на сѐ, американските медиуми проектираат нов оружен конфликт на Блискиот Исток, што дополнително ќе ја усложни не само регионалната туку и глобалната политичко-безбедносно-економска состојба…
Проекција низ објективот на американските медиуми за надоаѓачкиот конфликт на Блискиот Исток
Недоразбирањата меѓу Израел и Иран траат веќе децении, при што двете страни меѓусебно спорадично се конфронтираат, но сето тоа главно се случува со ограничена размери, кои немаа амбиции да ескалираат.
Но во октомври 2023 година се засили непријателството на двете страни кога со еден тежок инцидент избувна и отворена војна меѓу Израел и Хамас. Потоа, во април 2024 година, имаше директен ракетен и беспилотен напад од Иран врз Израел. Тој се случи поради претходен напад на израелската авијација врз иранскиот конзулат во главниот град на Сирија – Дамаск (познат во арапскиот свет под името Аш-Шам, градот на јасминот). Во споменатиот напад на израелската авијација над Дамаск загинаа 16 лица, од кои осум високи офицери на Иранската револуционерна гарда.
Американскиот медиум „Блумберг“ веќе прави споредба меѓу иранските и израелските воени сили во евентуален конфликт
1. Израел
Според „Блумберг“, израелските сили имаат огромна технолошка предност пред иранските сили, што делумно е резултат на воената и финансиската поддршка од САД, кои долго време се обидуваат да ја обезбедат предноста на Израел во регионот.
Така, на пример, Израел е единствената земја на Блискиот Исток што го купила борбениот авион „Ф-35“ на „Локхид Мартин“, кој се смета за најскапиот вооружен систем некогаш направен. Сепак, вреди да се потсети дека и покрај огромната цена и големиот број земји корисници, овој повеќенаменски борбен авион има низа проблеми.
Се верува дека Израел има и нуклеарно оружје, иако Ерусалим никогаш не го призна тоа.
2. Иран
Од друга страна, продолжува американскиот весник, санкциите и политичката изолација го отежнаа пристапот на Иран до странска воена технологија, што го натера да развие сопствено оружје, вклучувајќи ги и ракетите и беспилотните летала што ги лансираше против Израел во април.
Слаба точка на Иран се воздухопловните сили, чиј ’рбет се состои од борбени авиони „томкет“, „миг-29“ и „Ф-14“. Поради ова, Техеран склучи договор со Москва за купување повеќенаменски авиони „су-35“, но не се знае колку и кога ќе бидат испорачани овие авиони.
Што се однесува до нуклеарното оружје, веќе подолго време постојат претпоставки дека Иран планира да ја искористи својата нуклеарна програма за да го развие, што Техеран постојано го демантираше. Се проценува дека Иран досега има акумулирано доволно збогатен ураниум за да направи неколку нуклеарни бомби, доколку одлучи да го збогати до 90 проценти чистота, што е неопходно за да се користи ураниумот за производство на нуклеарно оружје.
Иако е во технолошки неповолна положба и засега официјално не поседува нуклеарно оружје, се верува дека иранската армија има значителни резерви на балистички и крстосувачки ракети, како и евтини беспилотни летала, т.е. беспилотни летала што ги користеше во нападот врз Израел.
Како што пишува „Блумберг“, во тој напад Иран открил дека пробивањето во густата израелска воздушна одбранбена мрежа е голем предизвик, бидејќи прво треба да се поминат борбените авиони на израелското воздухопловство, а потоа и системите за противвоздушна одбрана како „Давидова прашка“, „Хец“, „Железна купола“, кои заедно со американските и другите сојузнички сили пресретнаа „99 проценти од над 300 дрона и проектили лансирани од Иран“.
„Блумберг“ наведува дека вооружените сили на Иран, меѓу другото, имаат на располагање системи за противвоздушна одбрана како „С-300“ и домашниот систем за пресретнување балистички ракети „Арман“.
Она што го пропушти американскиот весник е дека во нападот на Иран врз Израел во април 2024 година, иако со ограничени резултати, истиот тој му помогна на Иран да ги открие позициите на израелските воздушни одбранбени сили, даде увид во начинот на работа и времето на реакција при евентуален нов, посериозен напад на Иран врз Израел.
Сајбер-операции
И двете земји се способни за сајбер-војна. Така, пред повеќе од една деценија, софтверот познат како „Стукнет“ го загрози иранскиот објект за нуклеарно збогатување за време на операција за која има сомнеж дека ја извршиле САД и Израел.
Во исто време, според процената на американската одбранбена разузнавачка агенција (ДИА) од 11 април, Иран е способен за „опсег на сајбер-операции, од информативни до деструктивни напади врз владините и комерцијалните мрежи низ светот“. Се известува и дека Техеран со хакерски напади се обидел да ја оневозможи работата на компјутерите и протокот на вода во две области на Израел.
Третманот кон нуклеарните постројки во Иран
Според повеќе американски медиуми, израелскиот воздушен напад врз објектите на иранската нуклеарна програма би бил еден од најекстремните одговори на нов ирански напад, а познато е дека Израел претходно ја „резервираше“ оваа закана исклучиво за моментот кога Иран ќе дојде на работ на развој на нуклеарна програма (нуклеарно оружје).
Главниот проблем во овој домен за Тел Авив, според американските анализи во медиумите, е бројот на ирански нуклеарни постројки расфрлани низ оваа голема земја. Покрај тоа, најважните објекти беа преместени под земја, токму поради заштита од потенцијални напади.
Сепак, овој потег не спречи да се реализираат „помали акти на саботажа“, кои му се припишуваат на Израел. Така, се смета дека Израел е одговорен за убиствата на пет ирански научници што работеле на нуклеарната програма од 2010 година, како и за експлозијата во клучен објект за збогатување ураниум, за што се претпоставувало дека е во насока на ненаучни цели (односно за воени цели).
Поради заканите за израелски напади, висок воен функционер одговорен за заштита на иранската нуклеарна програма во април изјави дека неговата земја соодветно ќе одговори доколку израелските сили ги гаѓаат објектите. Тој дури навести дека заканата од тоа може да го принуди Иран да ја преиспита својата политика за „мирната нуклеарна програма“, пишува „Блумберг“. Р.С.