Фото: Пиксабеј

Само една шолја кафе дневно би можела да ги намали ефектите од одредени антибиотици, покажува ново истражување што ја анализира реакцијата на бактеријата ешерихија коли на кофеин. Меѓународниот тим од научници што стои зад студијата испита 94 различни хемиски супстанции и нивното влијание врз ешерихија коли, со посебен фокус на тоа како тие супстанции ги менуваат системите што ги контролираат влезот и излезот на материите од бактериските клетки.

Кофеинот го менува протеинот во бактеријата

Се покажа дека околу една третина од испитаните супстанции ја оневозможуваат активноста на гените поврзани со управувањето на „сообраќајот“ низ клеточната мембрана. Сепак, кофеинот е особено истакнат – тој предизвикува ешерихија коли да апсорбира помало количество од некои антибиотици, вклучувајќи и ципрофлоксацин.
– Нашите податоци покажуваат дека неколку супстанции можат суптилно, но систематски, да влијаат на регулацијата на гените кај бактериите – вели микробиологот Кристоф Бинсфелд од Универзитетот во Вирцбург, Германија.
Ова истражување е дел од поширока работа за феноменот на ниско ниво на резистенција на антибиотици. Не станува збор за целосно развиена форма на отпорност, каде што бактериите директно се приспособуваат и стануваат резистентни на лекови, туку за суптилни ефекти предизвикани од промени во начинот на функционирање на гените и реакциите на бактериите на околината. Веќе е познато дека бактериите како ешерихија коли ги користат овие адаптивни одговори за да ги максимизираат шансите за преживување во различни услови. Она што сè уште не е целосно јасно се прецизните биолошки механизми што стојат зад овие процеси – сознанија што можат да им помогнат на научниците подобро да разберат како патогените бактерии опстануваат и како можат да им се спротивстават.

Кафето не дејствува на салмонела

Истражувачите забележале разлики во реакцијата на бактериите на антибиотици по контактот со кофеин. Анализата покажала дека одреден протеин, наречен роб, има поголема улога отколку што се мислеше претходно во контролата на влезот и излезот на супстанците од бактериските клетки. Тој бил вклучен во приближно една третина од сите промени што ги забележале истражувачите, вклучувајќи ги и оние што се предизвикани од кофеин.
– Кофеинот започнува низа на настани што почнува со регулаторот на генот роб и завршува со промена на неколку транспортни протеини кај ешерихија коли, што доведува до намалено внесување антибиотици како што е ципрофлоксацин – објаснува биоинженерката Ана Рита Брокадо од Универзитетот во Тибинген, Германија.
Научниците истакнуваат дека овие истражувања се базирани на лабораториски тестови и дека сè уште не е јасно како би функционирало ова во реални услови кај луѓето, ниту колку кафе би било потребно за да се забележи значаен ефект врз одговорот на бактериите на антибиотици – што е тема за идни истражувања.
Уште едно откритие на истражувачите е дека ефектот на ослабување на антибиотиците не е забележан кај салмонела ентерика, друга штетна бактерија што е блиску поврзана со ешерихија коли. Постојат неколку правци во кои може да продолжи истражувањето за да се добие прецизна слика за овој феномен, но подоброто разбирање на резистенцијата на ниско нивo антибиотик е клучно за што поефикасен терапевтски пристап.
– Врз основа на овие наоди, предвидуваме предизвикувачка, но неизбежна и важна задача во мапирањето на клучните детерминанти на транспортните функции кај различни бактерии – наведуваат истражувачите во трудот.