Во чест на италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало (1857-1919), вечерва македонскиот тенор Благој Нацоски во придружба на Дино Имери, на пијано, и на сопранот Хелена Суша, ќе одржи оперски концерт по повод одбележувањето на 60-годишнината од воведувањето на наставата на италијански јазик и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Концертот, со почеток во 20 часот, ќе се одржи во Малата сала при националната филхармонија, во организација на италијанската амбасада во земјава. Ќе бидат изведени дела на Руџеро Леонкавало, кој се смета за еден од најважните претставници на мелодраматичниот варизам, со што и ќе се одбележи еден век од неговата смрт. За животот и делото на Леонкавало ќе се говори на македонски и на италијански јазик, а на програмата се и дела од неговите современици: Пјетро Маскањи и Франческо Паоло Тости. Влезот на концертот е слободен, а истиот тој претставува и завршен дел на меѓународната конференција „Италијанистиката во третиот милениум: новите предизвици во јазичните, книжевните и културолошките истражувања“.