Нова книга на „Македоника литера“

„Македоника литера“ деновиве објави нова книга за деца на Киро Донев – „Јуначки приказни“, со илустрации на Миле Топуз. Книгата содржи пет раскази, кои претставуваат историско четиво во вид на приказна за вистински настани и личности од историјата на Македонија од илинденскиот период, и тоа: за битката на Мечкин Камен и за хероите Питу Гули, Гоце Делчев, Христо Узунов, Пере Тошев и Јордан Пиперката…
Книгата „Јуначки приказни“ првенствено е наменета за младите читатели. Во овие фикциски приказни, кои со наративните елементи имаат призвук на фолклорното творештво (народните приказни и со користење изводи од народните јуначки песни), со едноставен стил се раскажани и биографски елементи од славните ликови од македонската историја, но истовремено се потпираат на историските настани. Така, тие се воспримаат и како фикциски приказни и како некласично историско четиво. На тој начин, освен уметничка вредност, тие имаат и едукативна функција – зашто на непосреден и приемлив начин го запознаваат младиот читател со значајни ликови и настани од македонската историја.
Сите приказни се богато илустрирани од доајенот на македонската илустрација за деца Миле Топуз.

Ацо Гогов, прозаист, драматург и книжевен и театарски критичар, за книгата пишува:
„’Јуначки приказни‘ на Киро Донев е наменета не само за најмладата читателска публика туку за сите возрасти на читатели. Тој ни потврдува дека дијалогот со минатото е и дијалог со нашата сегашност затоа што историските ликови на едно време се живи токму преку моралната вертикала што ја воспоставуваат во нас, сега и овде, во процесот на нашето постојано себеиспитување. Како фикционализација на македонската историја и на некои од нејзините револуционери, ракописот го реафирмира јунаштвото како вредност, како незаменлива, многу важна особина во животот на секој поединец. Како една трансисториска константа.
Животното опкружување на јунаците е дадено на уверлив уметнички начин, со многу усет за ликовноста, со сликање на пејзажите, пределите, изгрејсонцата, природните убавини. Веродостојноста на приказните е секогаш заверена со точното наведување на годините во кои се случиле конкретните историски настани“.
Присутен на македонската книжевна сцена веќе над 60 години, Киро Донев на читателите им нуди ракопис што, освен естетската вредност, има и свое општествено значење. Посебно денес, кога треба којзнае по кој пат – одново да се раскаже нашата македонска приказна.
„Јуначки приказни“ е 15-та книга на Киро Донев во издание на „Македоника литера“ (13 авторски и две преведени и приредени).