На 10 мај во спортската сала „Марко Божиновски“, Ново Лисиче, во Скопје

На 10 мај, сабота, во спортската сала „Марко Божиновски“, Ново Лисиче, во Скопје, ќе се одржи јубилејниот 50-ти карате-натпревар „Лорд куп“. Организаторите велат дека тоа е традиција создадена со карате-пријателите, а со мотото „Детската радост нема цена“.
Како и секоја година, секој учесник за добредојде добива налепници, посебни карате-тетратки, книгата „Македонски карате-фотофакти“ и учесничка диплома.
Победниците добиваат медали, а екипите покрај поединечните медали и оскар за освоено прво место во својата категорија.
Учесниците ќе бидат во возрасната категорија родени од 2008 година и помлади. Категориите за кати во поединечна конкуренција ќе бидат поделени во три нивоа, а секое ниво соодветно на појасот на каратистот. Екипните ката-натпревари ќе бидат поделени во четири возрасни категории, а борците во кумите ќе се натпреваруваат по возрасна и тежинска категорија. Бројот на категориите за машки и женски е триесет и девет.
Право на настап имаат каратистите што се регистрирани во својот матичен клуб преку Карате-федерацијата на Македонија, а правилата се во согласност со правилата на Светската карате-федерација.
Карате-клубот „Аеродром“, организатор на овој јубилеен настан, им посакува добредојде на младите каратисти.