Изложба на ликовни дела на Славко Јаневски во Брисел

Во рамките на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик на 80-годишнината од прогласувањето на македонската азбука, во вторникот во македонската амбасада во Брисел се отвори изложба на ликовни дела на Славко Јаневски. Станува збор за дваесетина слики, масло на платно, во мал формат, кои беа изложени пред очите на стотината посетители на овој настан.
Изложбата ја отвори архитектката Јана Јаневска Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски, која притоа го прочита кусото излагање на Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на фондацијата „Славко Јаневски“.
– Постојат луѓе без јазик, но не постои јазик без луѓе. Постојат мислења без јазик, но не постои јазик без мислење. Новороденчињата, малите бебиња, не го знаат јазикот, а сепак мислат. Јазикот не е органска материја, тој се учи. Јазикот е конструкт, човечка измислица за полесно разбирање меѓу луѓето. Творецот на модерната лингвистика Фердинанд де Сосир рекол дека сѐ додека се разбираме зборуваме правилно. Кога нема да се разбереме, зборуваме погрешно“. И додава: „Им верувам на учените кога велат дека јазикот е најважниот пронајдок на човекот. Многу поважен од тркалото, на пример. Или од која било технолошка револуција. Јазикот не служи само за комуникација туку тој го осмислува, обмислува и го формира човекот. Без него нема напредок и без него не постојат ниту автомобили или компјутери. Тој е содржина без која не можеме ниту да се осмислиме, ниту да егзистираме. Тој е една од ретките човечки конструкции што има органски квалитети: живее самостојно, се развива, но и умира – рече Георгиевски.
Настанот беше организиран со цел да се слави македонскиот јазик преку оддавање почит на еден од најголемите негови корифеи, големиот Славко Јаневски, кој преку јазикот што континуирано го облагородуваше, не се градеше само себеси и својата смисла туку нѐ градеше сите нас и нашите мисли.
– Но Јаневски знаеше и една друга многу важна работа. Знаеше дека не сѐ може да се изрази со зборови. Тој, ако можам така да кажам, беше своевиден уметнички и интелектуален полиглот. Она што не можеше да го изрече, го кажуваше преку филмот и сликарството – додаде Георгиевски.
На оваа свеченост, меѓу другите, присуствуваа заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска, шефот на Мисијата при ЕУ, Зулфи Исмаили, в.д. амбасадорката Сузана Мехмеди, како и претставници на дипломатскиот кор и многу други заинтересирани посетители. Музичкиот дел го осмисли „Љубојна“, стихови од Славко Јаневски и од Блаже Конески читаа Лабина Митевска и Маја Дамјановска Момироска.