Фото: „Нова Македонија“

Европски команданти ќе се обидат воено да менаџираат со сите три заеднички команди на НАТО

  • Во НАТО нагласуваат дека овој потег не е знак за повлекување на Америка од Алијансата, туку дел од поширока стратегија според која европските земји треба да преземат поголема одговорност за одбраната на сопствениот континент. Така, за првпат, европските команданти го преземаат водството над сите три заеднички команди на НАТО на оперативно ниво

САД неодамна им ја предадоа на европските земји контролата врз три клучни командни бази во рамките на НАТО, пишува британски „Телеграф“.
Според најновото внатрешно прегрупирање во Алијансата, Велика Британија ќе ја преземе командата над Атлантската команда, со седиште во Норфолк, Вирџинија, додека на Италија ѝ е доверена одговорноста за јужното крило на НАТО, со команда во Неапол. Германија и Полска наизменично ќе командуваат со Здружената команда на силите во Брунсум, Холандија, како дел од историското реконструирање во командната структура на Алијансата.
Во НАТО нагласуваат дека овој потег не е знак за повлекување на Америка од Алијансата, туку дел од поширока стратегија според која европските земји треба да преземат поголема одговорност за одбраната на сопствениот континент. Така, за првпат, европските команданти го преземаат водството над сите три заеднички команди на НАТО на оперативно ниво.

Нова распределба на одговорностите

Висок функционер на НАТО изјави за „Телеграф“ дека сојузниците се согласиле за нова распределба на одговорностите во рамките на командната структура, при што европските држави, вклучувајќи ги и најновите членки на Алијансата, имаат многу позначајна улога во военото раководство.
Американскиот претседател постојано се закануваше дека ќе ја намали американската улога во рамките на НАТО и отворено зборуваше за повлекување дел од американските сили од Европа, за да може Вашингтон да се фокусира на други закани, првенствено на Кина. Таквата реторика отвори сомнежи за тоа дали САД навистина ќе им дојдат воено на помош на своите европски сојузници во случај на руски напад.
Изјавите на Трамп за можното преземање на Гренланд, арктички остров што е дел од територијата на сојузникот на НАТО, Данска, дополнително ја потресоа Алијансата и се заканија со најдлабоката криза во нејзината историја. Како одговор, европските влади брзо ги зголемуваат буџетите за одбрана и се обидуваат да докажат пред Белата куќа дека Европа може самостојно да ја гарантира сопствената безбедност.

Макрон: ЕУ не смее да западне во лажно чувство на безбедност

Францускиот претседател Емануел Макрон, долгогодишен застапник на поголема европска стратешка автономија, во интервјуа со неколку медиуми предупреди дека во иднина може да се појави нов „момент на Гренланд“. Тој нагласи дека Европската Унија не смее да западне во лажно чувство на безбедност поради привременото смирување на тензиите околу прашањето за Арктикот.
Во пресрет на Минхенската безбедносна конференција, аналитичарите предупредија дека Трамп води период на таканаречена „политика на уривање“ насочена кон демонтирање на традиционалните меѓународни институции. Во годишниот извештај на конференцијата, американскиот претседател беше опишан како „уништувач“ на европската безбедносна архитектура.

Ракетна тура

Европскиот комесар за одбрана Андриус ​​Кубилиус најави еден вид „ракетна тура“ низ Европа, со цел да ги охрабри земјите членки да произведуваат оружје со долг дострел. Кубилиус е исто така еден од најгласните застапници на идејата за европска воена сила од 100.000 војници, замислена како одбранбен систем без потпирање на американска поддршка.
Од друга страна, адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на НАТО, тврди дека овие промени не значат слабеење, туку потврда на силната американска посветеност на Алијансата.
Европските членки на НАТО историски многу се потпирале на Соединетите Американски Држави за планирање, команда и контрола. Врховниот командант на сојузничките сили во Европа е секогаш Американец, кој во исто време командува со американските сили на континентот.
Таа позиција моментално ја држи генералот Алексус Гринкевич, кој беше клучен дел од преговарачкиот тим на САД во обидите за завршување на војната во Украина.
Како дел од новите промени, САД ја преземаат командата над поморските сили на НАТО со седиште во Нортвуд, Велика Британија. Тоа им овозможува на американските офицери контрола врз главните воздушни, копнени и поморски команди на Алијансата, како и клучната позиција врховен командант на сојузничките сили во Европа.

„Нашата цел е посилно НАТО“

Амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, во понеделник изјави дека администрацијата на Трамп не сака да ја распушти Алијансата, туку да ја зајакне со тоа што ќе ја принуди Европа да преземе поголем дел од товарот.
– Нашата цел е посилно НАТО, не повлекување, не отфрлање на Алијансата, туку нејзино враќање кон првобитната идеја за сојуз од 32 силни и способни држави – заклучи Витакер. С.Т.