Фото: „Нова Македонија“

Во пресрет на 80-годишнината од ослободувањето на Скопје

Скопје – симбол на македонскиот дух. Град на моите претходници, на моето раѓање, детство и формирање.
Скопје – сведок на многубројни премрежиња и невремиња: пожари, земјотреси, поплави, војни, ропства што го загрозувале неговото опстојување. Но ниедно зло не успеало да го уништи. Секогаш се издигнува гордо кон сонцето оставајќи трага за своето постоење. Некогашниот Илирик, потоа Скупи, а денес Скопје живее со полна енергија и животна сила. Раскажува за минатото распослан на двата брега на реката вардар. Ги спојува минатото и сегашноста, хероизмот и истрајноста, како и вербата во иднината.
Денешното Скопје само потсетува на она некогаш, а живее со динамиката на новиот ден. Културно се издигнува и укажува на едно ново време, со сета почит кон сето она што поминало. Задоволство е да се биде дел од овој град. Да се ужива во благодатите на новото Скопје. Да се твори и расте во град под падините на Водно, да се чекори по мостовите на пријателството, да се вдахне традицијата во старата скопска чаршија.
И што е уште Скопје? Скопје има постојани жители. Тоа се камените зданија, кои со векови го чуваат градот. Спомениците на паднатите борци, кои се бореле за да биде нашата земја слободна и да можеме денес сите ние слободно да живееме.
И што е уште Скопје: Скопје е и древното Кале, домот на Мајка Тереза. Скопје е спомен и на античкото време, на походот на Карпош, Орце Николов, Петар Поп Арсов, кои го положија животот за достојно денес.
И затоа Скопје со својот развој и полн сјај претставува срце на македонскиот народ и на неговите достигнувања. наедно е и паметник низ вековите, водејќи нѐ по патот кон иднината и вербата во новиот ден.

Стефан Лазаревски, трети клас
(Од книгата „Јас и мојот град“ на фондацијата
„Никола Кљусев“)


Од бележникот на писателот

Едно дете го прегрнува Скопје

Водно на Гази Баба ѝ подава рака
Да ѝ каже колку ја милува и сака.
Едно дете пред изгрев сјаен
Го прегрнува Скопје
Со љубов вечно што трае.
Тато го сака Скопје
Со раце цврст ко челик,
Куќа по куќа гради,
Домови топли бели.

Вардар водите бистри
Кон југот в занес ги носи,
Раскажувајќи сказна за мракот темен
И за луѓе поцврсти од кремен,
Сонце носеле во очи
И стигнале до новиот ден без почин.

Мама го сака Скопје
Со букви, знаци сјајни,
И нежна добрина точи
Со часови бескрајни.

Скопје го сакам и јас,
Со книга, игра лесна,
Вардар му мие лице
И шуми милна песна.

Еден човек на иднината
На Скопје му ја честита слободата
А градот му се насмевнува
Со сонцето, со лебот и водата.

Перо Миленкоски

Фото: Маја Јаневска-Илиева