КИНОУТРО

Во рамките на јануарската програма, Кинотеката на Македонија ги кани најмладите и нивните семејства на „Киноутро“. Оваа иницијатива нуди незаборавно филмско доживување за децата и младите, исполнето со авантури, смеа и инспиративни приказни преку внимателно избрани анимирани и детски филмови. Проекциите се на 9, 11, 15 и 16 јануари со неколку термини, од 11, 14, и од 18 часот.
Во рамките на програмата ќе бидат прикажани неколку остварувања, меѓу кои е и „Јон против галаксијата“ (режија Гоце Цветановски). Оваа македонска анимација ја носи приказната за храбриот Јон, кој мора да се соочи со вселенски предизвици за да ја спаси планетата Земја. Со многу фантазија и акција, филмот пренесува важни пораки за храброста и одговорноста.
Потоа ќе биде прикажан „Мечето Падингтон“. Симпатичното меченце од Перу, кое се обидува да се снајде во Лондон, носи топлина и хумор во секој кадар. Оваа приказна за пријателството и прифаќањето е совршена за гледачи од сите возрасти. На програмата е и „Божиќната магија на животните“, анимирано ремек-дело што ја истражува магијата на празниците преку очите на животните, истовремено нагласувајќи ја важноста на сочувството и љубовта.
Потоа ќе биде прикажан „Кариран нинџа 2“, возбудливо продолжение на популарниот анимиран хит, каде што карираниот нинџа повторно се враќа во акција за да им помогне на своите пријатели. Филмот ја нагласува важноста на храброста и верноста. За најмладите е наменет филмот „Дедо Мраз суперхерој“.
Замислете го Дедо Мраз како суперхерој! Овој филм ја пренесува магијата на празниците преку необична и забавна перспектива. И последен на програмата е
„Соништата на еден робот“, емотивна анимација што ја истражува темата за самоспознанието и технологијата, преку приказна за робот што сака да го разбере човечкиот свет.
– „Киноутро“ има цел да ги доближи најмладите до филмската уметност и да го разбуди нивниот интерес за киното како посебно доживување. Овие проекции не се само забава – тие се и можност за учење, развој на фантазијата и градење емоционална интелигенција. Денешните деца, кои растат во дигиталната ера, заслужуваат да ја доживеат магијата на киното – местото каде што светот на фантазијата оживува на големиот екран. Поттикнувањето на љубовта кон киното кај најмладите не е само едукативен туку и културен чин, кој им помага да ја разберат важноста на уметноста и раскажувањето приказни. Кинотека на Македонија со „Киноутро“ ја исполнува оваа мисија и испраќа порака дека заедничкото киноискуство е бесценет подарок за секое дете – велат од Кинотеката.