ЗОИ 2026

  • Победникот Клаебо израмни рекорд на сите времиња на ЗОИ

Македонскиот нордиски олимпиец Ставре Јада (27) го освои 83-то место во крос-кантри трката на 10 км на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија), со што го заврши настапот на неговите трети во низа ЗОИ. Во конкуренција на 113 натпреварувачи, од кои двајца се откажаа, Јада ја мина делницата за 25:28,9 минути, односно со задоцнување зад победникот од 4:52,7 минути. Како што е познато, на првата квалификациска спринт-трка на 1,5 км, во конкуренција на 95 пријавени натпреварувачи (еден не се појави), Македонецот го освои 89-то место.
Првото место го освои фаворизираниот Норвежанец Јоханес Хоесфлот Клаебо (кој триумфира и во спринт-трката) со време од 20:36,2 минути, втор беше Французинот Матис Дислож, кој задоцни 5,9 секунди, а трет заврши Норвежанецот Еинар Хедегард, со заостаток од 14 секунди.
Клаебо ја оствари третата победа во низа на ЗОИ во Италија во нордиско скијање, што е негов осми златен олимписки медал, со што израмни рекорд на сите времиња на ЗОИ. Норвешката ѕвезда може да се трка уште во четири индивидуални и тимски дисциплини на ЗОИ 2026, а со тоа да освои и уште некој медал. Со вкупно осум злата на ЗОИ, тој го израмни рекордот на сите времиња што го делат тројца пензионирани сонародници, Марит Бјорген и Бјорн Дели во нордиско скијање и Оле Ејнар Бјорндален во биатлон. Г.И.