Кажи ми да ти кажам

(Личниот и Личната на сцената на која се играат драматизираните фрази)
Личниот: Плевната почнала да се урива. Гледај, едниот ѕид падна!
Личната: Гледам… ќе падне кога не се знае сопственикот. Да знам дека е моја, ќе ја подзакрпам, ќе ја препокријам…
Личниот: Ами, време е да се поделите. Лична, јас сум овде на местото на брат ти… ме ополномошти.
Малку ми е непријатно, но ќе ми помине.
Личната: Знам.
Личниот: Лична, од каде да почнеме?
Личната: Личен, два дена си постар, значи поумен си… Кажувај!
Личниот: Се мислам погрешно да не ме разбереш и да…
Личната: Од некаде треба да почнеме.
Личниот: Од куќата!… Горниот кат ќе го земе брат ти, долниот за тебе.
Личната: Тоа го решивме.
Личниот: Плевната ќе ја поделите вака: Оваа страна за твоето бате, другата за тебе.
Личната: Истурениот дел за мене, така?
Личниот: Стигнавме до нивите. За нив многу се мислам.
Личната: Личен, кажи де, да те чујам, па после јас ќе ти кажам што мислам.
Личниот: Таа, едната, што е до реката многу ја сака братчето твое, а другите две, за тебе.
Личната: Така, а?!… Таа до реката за него… Едната од двете е само со песок, другата, горе, в планина. Ниту некој знае каде е, ниту која е.
Личниот: Ама, Лична, две се, не е една.
Личната: Толку имаш да кажеш?
Личниот: Толку.
Личната: Значи, си ја вртиш водата на твојата воденица, односно на воденицата на брат ми.
Личниот: Колку што знам јас, воденица немате.
Личната: Така се вели. Тие како тебе и како моето бате секогаш си ја вртат водата на својата воденица. Извини сега, имам работа, ќе си одам.
(Личната тргнува…)
Личниот: (вика…) Лична, како да се подналути, а?!… Чекај, претставата не е завршена. А, Невенчето?!
(Невена, облечена во народна носија, излегува пред публиката…)
Невена: Многу убава фраза, понекогаш ја слушам и се чудам што значи. Но сега знам што значи бидејќи од пред некое време се нурнав во македонската фразеологија. Ја врти водата на своја воденица. Што ли значи ова?… Имате воденица, имате река и водата ја вртите кон вашата воденица. За другите?… Кои се тие што ја вртат водата на нивната воденица?…
Има ли такви?… Колку сакаш! Тој што ја врти водата на својата воденица ги мести работите како што сака, секогаш да бидат во негова полза. Нели ова е малку себично?!… Себично, несебично, нѐ има и такви. Но ние овде си играме и по малку учиме. Откривме што значи и оваа фраза, ни остана само аплаузот. Ако го заслуживме.

Владо Димовски