Оваа акција (пејџери) не е толку важна сама за себе. Таа за мене е еден холивудски спектакл, изведен по кантовски принцип „синтезис априори“. Од друга страна, овој настан е промена на парадигмата на безбедноста, промена на целокупниот живот. Целата безбедност во светот ќе мора да се менува, па и сите парадигми, инфлација, доларска криза, биткоин-криза, берзи – а преку тоа и финансиски системи. Раце ќе тријат – прекупци и гробари!
Не може а да не ве интересираат околностите на оваа спектакуларна операција – експлозија на 5.000 пејџери, при што има околу 3.000 ранети и триесетина мртви, во Либан и во Сирија. Примарната цел се членови на Хезболах, а тие вината ја префрлуваат на Израел. Целта веројатно е постигната, бидејќи најголем број од погодените се членови или соработници на Хезболах, но има и цивили. Но бидејќи постојат акција и реакција, па се очекуваат одмазднички потези и мислам дека повеќе се загрижени Евреите низ светот, отколку Арапите. Целта е – страв, паника, закана за лидерите, покажување моќ на разузнавањето, изборите во САД, ребаланс со доларот, БРИКС, џихад-финансии, џихад-кибернетика, ребаланс на ЕУ-политики кон џихадизмот и предигра на војна.
Дали ќе има војна со Либан? Можноста сега е 50-50 (по мене повеќе од 50 отсто е дека ќе има). Според Фон Нојман (теорија на игри) – колку е инпутот толку е аутпутот (zero-sum), но може да се менува правецот на векторите. Израел не смее да игра покер. Веројатности нема. Грешки – недозволиви. Дали ќе има војна со вештачка интелигенција (ВИ)? – Не! Ова е мултиагент и еволуциска игра, можеби ќе се тренира со т.н. „реинфорсмент“ (Том Захави, Боаз Барак). Речиси секој цивил е „псевдоцивил“ – хезболаховец. Само децата се невини, но и тоа не се знае (знам за случаи – деца-бомби или „Бошко Буха синдром“). Хамас и Хезболах се сметаат за „револуции“ – исто така, за жал, и кај нас – и секое нивно убивање Израелци („ционисти“) или Евреи – е „оправдано“. Има многу „замки“ во играта (glitches – како што ги нарекува нобеловецот Пенроуз), па ВИ може да „залута“ или да даде мултипли решенија. Премиерот Нетанјаху е провојна, а противниците се анти. Фактори за про и контра се – на прва линија Иран, арапските земји, втора линија САД, Русија, ЕУ и нивни сателитоиди (Турција, Кипар, Азербејџан, Јемен, африкански земји….), а на трета – како нас (без потценување).
Посматрач е целиот свет, но повеќето ги интересира спектаклот наместо последиците, а би требало да биде обратно. Ги засега сите. Како што велел свештеникот Мартин Нимолер во време на нацизмот во Германија – „не направив ништо, бидејќи тие дојдоа по други (комунисти, социјалисти, Евреи, артисти) – а на крајот дојдоа по мене и немаше кој да направи нешто “. Сите сме посматрачи „сеирџии“. Секако, поголем дел од населението кај нас и во светот „навива“ за Хезболах и Хамас, што е доенче на медиумите. Антисемитизмот се качува до небото, а не гледаме дека џихадизмот ни е влезен во куќи. Знам, си велите – „сироти граѓани на Либан и Сирија – оние проклети Евреи ги испотепаа“. Но ако флертувате со ѓаволот, ќе го најдете сабајле во креветот! Израел го чисти сметот околу себе, но во исто време и вашиот смет. А џихадистите ви се инфилтрирани во маалото, дома, во спалната… Прашајте некои исламисти (не христијани или Евреи, туку прави исламисти) што им се случувало за време на војната 1991-2001 – морале да им плаќаат на УЧК овде и на џихадистите во Босна, а ако не – им ги земале синовите за во војна или ќерките за бели робје. Ќе нема реприза? Знам што си мислите – „еве, ова старо, глупаво, дебело, жолтопечатно Еврејчиште тресе некои сурло-балабурдаци – си го брани Израел“. Не, драги мои, јас ја бранам Македонија и вас на некаков начин. Не верувате? Е па тогаш – се гледаме во пеколот.
Според воениот аналитичар на САД Џон Милер, стратегијата на џихадистите е многу итра. Тие со години не користат висок степен на технологија, бидејќи така би биле предмет на следење со сензори, сателити и ВИ, како што се следени и ликвидирани некои нуклеарни научници и џихадистички лидери.
Затоа од Хезболах користеле пејџери. Поставување експлозив и електричен детонатор во пејџер или каде било, со далечинско управување, воопшто не е проблем. Впрочем, за тоа се мајстори и самите џихадисти уште одамна. Проблем е дистрибуцијата. Прво, како да се најдат поединците хезболаси во така огромен број, на точно определено место? Како дошло до информациите? Потоа како да се инфилтрираат луѓе (мора да се повеќе, а не еден) во компаниите за производство и компаниите за дистрибуција за да ја постават експлозивната направа? И на крајот како пејџерите да стигнат на право место, бидејќи би можеле да се најдат и во друга земја, па и во самиот Израел, или САД или Европа? Тоа е моќта на информациите. Да не се лажеме, информации постојат за секого во светот – во НСА, Спецвиаз, па дури и во службите во Кина и Пакистан. Немојте да се грижите – тие ве следат и имаат повеќе информации за вас отколку што вие знаете за вас. Аферата на Сноуден со огромни податоци само во еден лаптоп – мислите дека е случајна? Ај, ве молам. Тоа е само предвидена демонстрација на НСА дека сѐ е посматрано, сѐ е под контрола. Ајде вие пробајте да шверцувате доверливи податоци од која било агенција, па и трето или четвртостепена. Ќе ве снема веднаш! Surveillance Intelligence и SIGINT се невидливи цареви на планетата. Има и генетски маркери сензори – вируси што не предизвикуваат болест, ама се следат терористи, свиркачи, па и ние. Атентатите на бившиот претседател Трамп е чудо што не успеале. Тоа е знак дека зад нив или не стојат сериозни агенции или служат за психолошки ефект. За среќа – човекот имал среќа! Арапите имаат секакви податоци – и вие сте џихадоскенирани. И кај нас дури и Палестинците имаат агенти што следат сѐ и секого, а за Европа и да не зборуваме. Еве и овој текст – ретко го читаат обични граѓани и пензионирани интелектуалци. Но агентите – го читаат задолжително. Што би рекол професор Бабановски – Македонија е Казабланка на Балканот. Не е случајно што баш сега Германија спроведува строга контрола на границите. Секој ден имаат престрелки со Хамас, а во медиумите не кажуваат ништо. Дури има и закон дека не смееш да кажеш ништо лошо за имигрантите. Ало, што беше тоа демократија? Па, и кај нас политичарите не смеат ни да писнат – ни пис-пис-пис…. Ама итри се – ако се лути на Албанците, тие викаат по Бугарите. Бидејќи по сѐ изгледа дека САД не учествувале во оваа акција (ќе видиме по реакциите и „симптомите“ следните денови), Израел користел своја база на податоци. Воени агенции за сите такви и секакви кибер-податоци се Unit 8200 (главна), 9900-Unit, 504-UNIT, и други комплетно секретивни. Сабајле се будат на едно место, одат на друго, потоа спијат на трето. Често и самите не знаат на која локација се. Имаат „фокуси“ и во непријателските земји, но не се знае каде. Главно се и од домицилното население. Самиот Хезболах, па и Иран и Ал каеда итн. имаат фракции што „не се сакаат меѓу себе“. Фракциите ги „гризат“ и комунизмот и капитализмот, ционизмот, па и македонизмот, што е „чоколада“ за разни разузнавачки служби. Сите војници, а тоа значи цела популација на Израел мора да помине низ кибернетска школа MICIU (Military Intelligence and Cyber Instruction Unit), каде што учат програмирање, ВИ, електроники, техники, а и јазици (арапски, ирански, урду, англиски, руски и други). Сум сретнал агенти што перфектно (со акцент) зборуваат српски. Моите внуци знаат арапски, а не знаат македонски. Јас се лутам за тоа, а тие велат – арапскиот ќе ни служи за безбедност и бизнис, а што ќе добиеме со македонскиот? Една дигресија. Кога бев мал родителите ме тераа да учам англиски со многу притисок и пари (за приватни часови). Јас се бунев: „Нели во Америка и Англија се капиталисти, империјалисти – зошто да учам англиски?“ Тие велеа: „Добро де, добро – ако си нервозен – кажи го тоа на англиски“. Мој хендикеп е денес што не знам албански и арапски.
Други моќни агенции за разузнавање се Мосад, Аман и Шин Бет. Има серија на секретивни организации што не ги знаеме, слично како во Британија и Русија. Агенциите тајно соработуваат со Арапите, Турција, Русија, Бугарија и Кина. Сега и со Албанија и Косово, за што им се лутат Србите, кои се сметаат за традиционални пријатели. Што е тоа пријател? Пораснете и научите. Мосад е „главната“ агенција и за неа има многу книги. За другите нема ниту книги ниту информации. Има нешто на Википедија – секако сето тоа добро филувано. Јас имав роднини и пријатели во Мосад и Шин Бет, ама од нив не можев да дознаам ништо.
Како што реков, оваа акција (пејџери) не е толку важна сама за себе. Таа за мене е еден холивудски спектакл, изведен по кантовски принцип „синтезис априори“. Од друга страна, овој настан е промена на парадигмата на безбедноста, промена на целокупниот живот. Но замислите ги латералните последици. Замислите ако некој џихадист со пејџер се нашол во патнички авион. Замислете да бил во кино, на џез-фестивал, во диско, замислете да бил во Американски универзитет (каде што ги има многу-многу), може кај Хезболах, а може и во Израел, па и кај нас на демонстрации, можеби и во парламент. Вакви „бомбастични чипови“ може да се стават секаде – на мобилен телефон, слушалки, телевизори, компјутери, медицинска опрема, „зголемена реалност“, игри, авиони, автомобили, оружја, играчки, украси, па дури и уши на кучиња и животни, а најстрашно – во капсули-лекови како што се користат за ендоскопија (повторно измислени од израелски разузнавачи). И самиот литиум (батерија) е експлозив, па така – планетата е експлозив. Генералот Амос Јадин (разузнавач и стратег во времето на Ариел Шарон) вели дека ова им кажува на Хезболах, Назралах, Синвар, иранските лидери и други што може да им се случи со рандомизирано ракетирање. Инаку, Хезболах во 2020 година имаше 150.000 ракети, а сега има над 300.000, голем дел и со голем дострел (на пр. до Кипар, а ако им „ќефне“ и накај Европа). А граѓаните на Либан немаат пари ни за леб ни за хигиена – ама за ракети и сметки во швајцарските банки за лидерите – има. Во идеологијата, а и пишаните документи на Хамас, Хезболах, Џихад и други џихадисти, стои дека „треба да се уништи Израел со сите Израелци, потоа Евреи и други што се противници“. Каде сме ние (Балканот) на список? – Добивам комплекс. Ќе се смени и играта Украина-Русија со „нови идеи“. Иран сака да избие на Средоземјето (заради Палестинците? – како да не!). – За да стане суперсила и гасот во морето. Со тоа се загрозува Турција, а покрај тоа што претседателот Ердоган се џилити дека ќе напаѓа ваму или таму, тој умира од страв од Иран, а и Курдите му се на врат. Внатре има кемалисти, комунисти, фашисти, џихадисти, секуларисти, екремисти, Мосад, ЦИА, Гладио… Некои велат дека Ердоган потекнува од Донме (исламски Евреи од времето на Шабитај Цви и Натан од Газа – според српски разузнавачи) и тоа му виси на глава, а исто така атентаторите демнат, па во голема мера е зависен од Мосад и КГБ за лична сигурност. Мосад има релација со грчките служби (од времето на хунтата), па се комплицира состојбата, а сите имаат интерес за гасот и нафтата во морето. Израел е еден од главните производители на микрочипови по Тајван, па тоа го користи за релации со Кина (плус извоз на дронови и оружје), но и целиот свет. Замислете сега што е можно со експлозивните чипови. Целата безбедност во светот ќе мора да се менува, па и сите парадигми, инфлација, доларска криза, биткоин-криза, берзи – а преку тоа и финансиски системи. Раце ќе тријат – прекупци и гробари!
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио
Авторот е пензиониран професор по медицина