Изложбата „Траг“ – заеднички уметнички проект на уметниците Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски, двајца автори што низ својата работа постојано ги прошируваат границите на современата визуелна уметност, е отворена во македонскиот КИЦ во Софија, Бугарија.
– „Траг“ е повеќе од изложба. Таа е патување низ сенките на постоењето, визуелна рефлексија на она што останува зад нас – и во материјата, и во емоцијата. Преку динамична употреба на црни тонови, линии и текстури, оваа изложба го истражува присуството на отсутното и ја преиспитува темнината не како крај, туку како длабока и богата почетна точка за перцепција и созерцание – велат авторите.
Анчевски и Стојаноски користат комбинирани медиуми за да создадат дела што не само што се гледаат туку и се чувствуваат. Површините што ги обликуваат нивните дела се живи – тие вибрираат, се движат, дишат. Секој слој боја, секоја линија, секоја текстура е трага – не само визуелна, туку и емотивна, интимна, човечка.
– Изложбата нè повикува на интроспекција. Да ги почувствуваме трагите што другите ги оставаат, но и оние што ние самите ги врежуваме во времето и просторот. Таа го преиспитува односот помеѓу светлината и темнината, меѓу она што е кажано и она што е премолчено, помеѓу присуството и отсуството. Со оваа серија апстрактни дела и видеоинсталации, уметниците ни нудат нова перспектива – на темнината како потенцијал, на трагата како сведоштво, на уметноста како мост меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Доживејте ја изложбата со сите сетила. Да се задржите пред секое дело, да го почувствувате неговиот ритам и да го пронајдете својот личен одраз во него – рече на отворањето, директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, кој на уметниците им врачи благодарници.

Ка.М.