Изложбата „Мојот пат во уметноста“ на Решад Ахмети ќе биде отворена на 11 март (вторник), во 20 часот, во галеријата на МКЦ.
– Патувањето по патиштата на уметноста е авантура и страст на кој уметникот целосно се предава, на овој пат има и станици на кои треба да се застане, да се сврти назад кон изминатиот пат, но и да се насочи погледот и кон иднината за да може да се одреди по кој пат да се тргне. Токму оваа година движејќи се по патот, уметникот Решат Амети се најде пред прагот на еден значаен јубилеј 35 години творештво – се вели во најавата.
Обележувањето на јубилејот, Ахмети го започна на 30 декември 2025 година со репрезентативна изложба во Дипломатскиот клуб на Министерството за надворешни работи на СР Германија во Берлин. По воведниот збор на директорката на клубот, Сибил фон Арнам, пред присутните гости и дипломати се обрати и директорот на Одделот за Западен Балкан, Нилс фон Редикер, а изложбата ја отвори нашиот амбасадор во Берлин, Илбир Села. На 27 февруари Решат Амети ја отвори својата втора изложба во рамките на овој јубилеј во галеријата „Урсулаштрос“ во Грац, Австрија.
Изложбата во МКЦ е трета по ред во рамките на јубилејот, но никако не смее да се сфати како помалку важна, таа има цел да ги поттикне младите да истражуваат и да го најдат својот индивидуален стил во уметноста. Професорот Решат Амети во текот на изложбата ќе одржи свое предавање со кое како педагог ќе им ја продлабочи љубовта кон уметноста. МКЦ отсекогаш бил расадник на млади таленти и изложбата е во рамките на оваа програмска определба. Решат Амети е редовен професор на Државниот факултет во Тетово, тој е уметник со меѓународно реноме, а за својата педагошка работа, за преставувањето на нашата уметност во странство и за своето сликарство е добитник на највисоката државна награда „11 Октомври“.
Изложбата ќе трае до 22 март.