Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности вечерва, со почеток во 19.30 часот, ќе се отвори изложба на дела од учесниците на последната сесија на летната школа насловена „Обмислување на современиот звучен пејзаж: Експериментални практики во визуелниот контекст“. На изложбата учествуваат: Ана Димитриевска, Јана Бутеска, Калин Маловски, Павел Николов, Вилијам Стојановски, Стефанија Цветановска, Доротеј Нешовски, Ангела Георгиевска и Мартина Спасовска.
– Основната цел на школата беше лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Оваа сесија на летната школа се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и интерпретација на интердисциплинарно уметничко дело. Одржувањето на летната школа во рурална планинска средина беше во согласност со потребите на сесијата, која за почеток имаше одново запознавање со тишината. Имено, последицата на живеењето и работењето во современата урбана средина доведува до промена на човековите референци за тивко и тишина, поими и феномени што треба да ги редефинираме за, меѓу другото, да разбереме и колкаво е „звучното загадување“ за кое сме помалку или повеќе несвесни. Со запознавањето некои воведни поими и содржини од психоакустиката, за подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина, како и на одредени поими од физиката на звукот, учесниците се запознаа со поимот „шум“ и спектрален состав (боја, карактер) на звукот/шумот, за посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови што нѐ опкружуваат во секојдневието и нивното значење во нашето (акустичко) разбирање на околината и нашето функционирање во неа – велат од ФЛУ.
Учесниците имаа можност да се запознаат, теориски и практично, со начинот на работа на уредите за снимање звук, пред сѐ на микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас, како и со основни техники на обработка, миксање и монтирање звук/шум во соодветно софтверско решение. Со тоа, учесниците се подготвија да размислуваат за звукот и звучните феномени како за елементи што може да ги употребат во/за создавање звучни слики и амбиентални звучни пејзажи како самостојни уметнички дела, но и комплексни уметнички инсталации во кои звукот игра значајна улога.
Сесијата беше одржана во Лазарополе (Општина Маврово и Ростуше).