Во Изложбениот салон на НУ центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово е отворена изложба од 32-та меѓународна Лесновска ликовна колонија. Изложбата содржи триесетина дела работени во повеќе ликовни техники.
Меѓународната Лесновска ликовна колонија започнува да се организира во далечната 1992 година. Организатор на колонијата е домот на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип, со финансиска поддршка од Општина Пробиштип, a оваа година е избрана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 год. Денес таа прераснува во голема културна манифестација и е препознатлив белег на општината Пробиштип. Стотици уметници од многу краеви на светот учествувале на Лесновската ликовна колонија, зад себе оставајќи голем број уметнички дела, кои се дел од богатата збирка на уметнички дела при домот на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип.
На 32-та Лесновска ликовна колонија учествуваа 17 уметници, најмногу од нашата држава, но и уметници од Бугарија и од Канада. На оваа колонија се насликаа 34 уметнички дела. Колонијата се одржа од 25.6.2024-30.6.2024 година. Уметници учесници на 32–та Лесновска ликовна колонија се: Бисер Лапев, Васил Гаврилов, Бојан Тосевски, Христина Стојчевска, Јулија Манојловска, Десислава Лапева, Зоран Нанев, Ива Станковска, Иштар Бисерова Лапева, Мајк Клоус, Ѓоко Антониев, Маринела Миланова, Мики Иванов, Пирин Македонски, Трајан Трајковски и Филип Добривоевски.
Изложбата ќе биде поставена до 5 март.