Сто години надреализам

Во галеријата „Метаноја“, денеска, во 19 часот ќе се одржи настанот насловен „Сто години надреализам“, на кој ќе зборуваат акад. Влада Урошевиќ и проф. Лидија Капушевска-Дракулевска, во амбиентот на изложбата „Метафора – Жито, какол и парчиња стакло“ на Марко Трпески. Повод за настанот е осврт на стогодишнината од почетоците на надреализмот во 1924 година. Своите излагања, Урошевиќ и Kапушевска-Дракулевска ќе ги засноваат врз нивната заедничка книга „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“.
Книгата претставува сеопфатна аналитичка студија и преглед на генезата, развојот, теоријата, темите, техниките, митологијата и на феномените на надреализмот. Освен тоа, оваа студија на исклучително акрибичен начин го анализира односот на надреализмот со некои други книжевни правци или жанрови (симболизмот и фантастиката, на пример) и други општествени активности (политиката).
– Иако во центарот на вниманието се наоѓа францускиот надреализам, книгата содржи важен регионален аспект, донесувајќи темелен преглед на српскиот надреализам. Истовремено, оваа студија нуди панорама на распространувањето на надреализмот во голем број светски книжевности и култури, од англиската, шпанската, германската, американската, италијанската, чешката, романската, белгиската и другите европски книжевности, па сè до литературите во земјите од Латинска и Централна Америка и Јапонија. Она што е особено важно за нашата книжевна средина се двата есеи во кои се согледува односот на надреализмот и современата македонска поезија, како и надреалистичките постапки во современата македонска поезија. Поради сето ова, „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“ не само што претставува едно од најцелосните толкувања на надреализмот туку истовремено е и најтемелната студија за некој книжевен правец објавена кај нас. Книгата е пишувана врз принципот на афективната теорија, во која строгиот теориски пристап се комбинира со силната наклонетост и страст за темата за која се зборува. Лично обоените и биографските текстови заедно со објавените песни претставуваат емотивна посвета на еден од авторите, за кого „надреализмот е негова голема љубов“ – вели Владимир Јанковски за книгата.

Според него, надреализмот почнува како уметнички правец, а сто години подоцна трае како вкус на времето на една епоха, уметност излезена од својот медиум и стопена со животот.
– Во времето кога се појавува надреализмот, тој носи едно ново радикално поимање на светот. Иако како уметнички правец надреализмот може да се поврзе со одредени трансисториски феномени од историјата на уметноста, во мигот на неговото теориско дефинирање тој се спротивставуваше на тогашниот вкус во уметноста и прифатените уметнички практики. Слични беа амбициите на надреалистите во врска со животот. Борејќи се против животните норми на своето време, против правилата и моралот на граѓанскиот живот од третата деценија на 20 век, надреалистите се обидоа да понудат уметничка и животна алтернатива на закостениот, конзервативен и здодевен живот што ги потиснува потребите на човекот и ја ограничува неговата слобода. Сто години по објавувањето на „Првиот манифест на надреализмот“, нам ни е тешко да ја замислиме радикалноста на надреализмот. Зашто она за што се залагаа надреалистите (како на ниво на естетски слободи и идеали така и на ниво на секојдневниот живот) не само што се доживува како нешто најприродно туку и надреалистичкиот вкус за уметноста по малку се претвора во норма. Надреалистичките уметнички стојалишта и принципи денес се нешто сосема обично, секојдневно, тие се составен дел не само од уметноста туку и од секојдневниот вкус на епохата. Надреализмот се прелеа насекаде. Денес лесно може да го најдеме во рекламите, во дизајнот, во музичките спотови, во пакувањата на производите, во цртаните филмови, во телевизиските емисии базирани врз концептот „скриена камера“, во модата, во играчките и во голем број други облици на популарната култура. Така, од еден револуционерен начин на доживување и осмислување на светот, надреализмот денес е наше секојдневие, вообичаеност, норма на креативното размислување. Дали тоа е негов успех или неуспех? – вели Јанковски. В.Д.