Според освртот на повеќе економски аналитичари (во врска со нефер трговските практики на повеќе трговски синџири во регионов, а и во земјава), од временска дистанца на изминати неколку месеци по почетокот на граѓанските бојкоти во целиот регион (во малопродажбата на основните продукти), може да се заклучи дека – „граѓанската непослушност… не успеа“. Цените на многу стоки за широка потрошувачка сѐ уште се на несоодветно високо ниво (млечни производи, растителни масла, путер, шеќер, кафе). Се добива впечаток дека економските експерти се во право кога тврдат дека бојкотите на трговските синџири и продавниците, без разлика колку се привлечни за обичните потрошувачи на прв поглед, не се покажаа како ефективно решение за граѓанските барања и дека кога реагира државата (владите), макар и со краткорочни мерки, ефектите се поголеми…
Анализа: Дали граѓанскиот бојкот кон трговците што практикуваа нефер трговски практики имаше некаков ефект?
Растот на цените на основните прехранбени производи, но и на сите други производи, со право предизвика незадоволство меѓу граѓаните, како во регионот така и во нашата земја.
Граѓанскиот револт резултираше со верижен синџир од организирано бојкотирање на големите трговски синџири, кое почна да се прелева од држава во држава во Балканскиот Регион. Денес, од оваа неколкумесечна временска дистанца, генералниот заклучок во врска со оваа граѓанска акција е дека „бојкотот не е соодветно и ефикасно решение“.
Имено, без оглед што петоците станаа ден на отпор кон практиките на нефер однесувањето и работењето на одреден број трговци и трговски синџири, сепак веќе следниот ден купувачите го надоместуваа она што го бојкотираа во петок(от), а загубата на трговците не само што беше многу мала или никаква, туку, според опсервациите на аналитичарите, се бележеше дури и „раст на профитот“.
Она што е повеќе од јасно од денешна перспектива, кога цените останаа такви што не ги задоволуваат амбициите на граѓаните, економистите експлицитно тврдат дека „само државите (владите), доколку граѓаните аргументирано и веродостојно им настапат, можат да формираат политичка волја за да дејствуваат, и само така канализирано, низ институциите на системот, може да се дисциплинираат нефер трговците, а нефер трговските практики да се спречат, и процесите да се стават во заштита на граѓаните“.
Тоа подразбира мерки што ќе значат фер трговски однос или нормална наместо енормна заработка на трговците, со што ќе бидат задоволени сите страни.
Неуспешниот бојкот во Југоисточна Европа
Она што остави силен впечаток беше пораката што ја испратија граѓаните низ Европа: спонтана граѓанска демонстрација на барања што задираат во социјално-економската сфера на живеење, дека „цените се превисоки и дека е потребна нивна корекција“. Големите малопродажни корпорации привремено ги намалија цените на сè на полиците, а националните влади ги замрзнаа цените на некои основни потреби.
Но, сепак, денес, неколку месеци по почетокот на бојкотот, може да се каже дека граѓанската иницијатива не успеа да биде значително ефективна како решение. Цените на многу стоки за широка потрошувачка сѐ уште се на високо ниво (млечни производи, растителни масла, путер, шеќер, кафе), инфлацијата сè уште е присутна. Можеме да го заклучиме она што многу економски експерти го кажуваат од самиот почеток: бојкотите на продавниците, без разлика колку се привлечни за обичните потрошувачи на прв поглед, не се добро решение. Зошто? Постојат неколку причини, велат аналитичарите, и тие се со поширок опсег: од здрав резон, па сѐ до постулатите на пазарната економија.
Потеклото на зборот „бојкот“
Зборот „бојкот“ потекнува од името на озлогласениот англиски земјопоседник, капетан Чарлс Бојкот, кој за време на т.н. Ирски земјишни војни од 1880-тите се обидел да ги исели земјоделците од нивните фарми затоа што не можеле да платат кирија. Како одговор, заедницата целосно го изолирала, неговите работници и слуги ги напуштиле своите места, а неговите посеви биле оставени да пропаднат (да се исушат или да скапат).
Според енциклопедиите, бојкотот е „прекинување на економските или целокупните односи со лице, организација и држава, поради економски, политички, морален или друг притисок и изнудување на потребните отстапки“.
Прв предизвик: Неможност за „воздржување за основните потреби“
– Прво и најважно, идејата за бојкотирање на купувањето храна и пијалаци звучи мошне лудо. Луѓето можеби немаат потреба да одат на летни и зимски одмори, да купуваат автомобили, мобилни телефони, облека и обувки, но мора да јадат и да пијат секој ден за да преживеат. Затоа, наметнувањето забрана за купување масло, брашно, шеќер, путер или млеко нема смисла. Потрошувачите можат да поминат без да купат ништо еден ден, но мора да го надоместат тоа друг ден. Во спротивно, тие се осудени на глад. Бидејќи повеќето луѓе се потпираат на официјалниот малопродажен систем, ова не е изводливо, вели еден економски аналитичар, кој го следеше феноменот на бојкот на трговците во целиот регион на Балканот.
Втор предизвик: Недостиг од алтернатива!
Недостигот од јасна алтернатива е уште една причина зошто бојкотите не успеваат. Алтернатива може да биде ако има развиена мрежа на други продавачи надвор од официјалните продавници, кои би можеле да ги снабдуваат потрошувачите легално (и нелегално), што е нереално во повеќето земји. Доколку ова се случи, земјите би реагирале и би изрекувале казни за учество во сивата економија. Некои предложија купување во соседните земји како алтернатива, но ова е средство со кое можат да се справат само мал број луѓе. Пазарувањето во странство бара поседување сопствено возило и патни трошоци, што многумина што не живеат во погранична област не можат да си ги дозволат. Токму во таа смисла, медиум од Хрватска го истакнува хрватскиот пример: „Користејќи го примерот на Хрватска, може да се заклучи дека можеби 5-10 проценти од хрватското население може да се сврти кон алтернативно купување во Словенија, Унгарија или во Италија. Храната не е дозволена да се транспортира од Босна и Херцеговина поради шенген-зоната“.
Трет предизвик: Нејасни цели!
Третата важна причина зошто бојкотите не даваат резултати е фактот што – „целите не се јасни“!
Според анализите на медиумите од регионот, во врска со овој предизвик, тие пишуваат нагласувајќи дека „организацијата на бојкотот често е лоша“! Организациите што ги водат бојкотите сакаат клиентите да ги бојкотираат продавниците, но не знаат што да прават понатаму. Бојкотот може да биде успешен еден ден, но на долг рок, без јасна визија и стратегија, го губи својот фокус. Без конкретни барања и план како да се постигнат, бојкотот се сведува на симболичен чин без вистинско влијание.
Четврти предизвик: Брзоопаѓачки јавен интерес
Четвртата причина е „краткотрајниот јавен интерес“.
– Иако луѓето може да бидат ентузијастички заинтересирани за бојкотот на почетокот, со текот на времето нивната мотивација опаѓа, особено кога не гледаат конкретни резултати. Потрошувачите се прашуваат која е поентата на моето откажување. Тие бојкотираат и не купуваат во одредени денови, а цените остануваат исти. Луѓето се силни на зборови (особено на социјалните мрежи), но многу послаби на дела. Дури и многумина што декларативно го поддржуваат бојкотот во реалноста продолжуваат да купуваат од истиот малопродажен синџир. Од друга страна, многумина што го поддржуваат бојкотот сепак не купуваат, туку членовите на нивните семејства. Секојдневните, добро обучени навики и удобност обично преовладуваат над идеалите, што дополнително ја ослабува трајноста на бојкотот, анализираат медиумите од регионот во врска со иницијативата „бојкот на трговците и трговските синџири, заради востановените нефер трговски практики“…
Петти предизвик: Како големите трговци остануваат недопрени од бојкотот?!
Петтата причина зошто бојкотите не успеваат е малата штета на продавниците погодени од бојкотот. Ова е особено точно за големите корпорации, кои лесно можат да ги апсорбираат загубите што ги претрпеле еден ден. На крајот на краиштата, клиентите мора да купуваат храна и пијалаци друг ден. Тоа е маѓепсан круг. Единствените што би можеле да ги почувствуваат негативните последици се помалите продавници, кои зависат од дневните купувања од минувачите. Недостигот од приходи би можел да поттикне отпуштања и намалување на работното време. Ова, пак, индиректно влијае на обичните потрошувачи, кои нема да можат да купуваат во нивната омилена продавница во соседството.
Шести предизвик: Противмерките на трговците и трговските синџири
Шестата причина што го неутрализира ефектот на бојкотите се „контрамерките на малопродажните компании. Трговците на мало лесно реагираат на бојкот со намалување на цените на некои производи и рекламирање производи со попуст и попристапни производи преку квалитетни маркетинг-кампањи“.
– Добриот маркетинг продава сè. Можеби е банална изрека, но е апсолутно вистина. Ако рекламата произведе силни емоции кај гледачот, многу е веројатно дека гледачот ќе стане купувач. Токму затоа трговците на мало знаат дека е доволно да се стимулира желба или чувство на потреба, така што дури и оние што планирале да бојкотираат, ќе попуштат и ќе се вратат на пазарување – велат економските аналитичари.
Исклучоци
Бојкотот може да функционира во некои случаи. Ова се главно случаи кога потрошувачите се поттикнуваат да не купуваат во одреден синџир продавници (аналитичарите го даваат примерот „Мекдоналдс“) или да купуваат исклучиво домашна стока и/или да бојкотираат странска стока. Во 1990-тите, активистите Хелен Стил и Дејв Морис го привлекоа глобалното внимание кон лошите услови за работа, еколошките и здравствените практики на „Мекдоналдс“ преку долготрајна тужба. На крајот, тие ги принудија да се променат, потсетуваат аналитичарите преку медиумите.
А економскиот експерт Брејден Кинг верува дека бојкотите не им штетат на финансиските приходи на компаниите толку колку што им штетат на нивниот углед. Неговото истражување покажува дека најуспешните бојкоти се оние што привлекуваат најголемо медиумско внимание, обично насочени кон една компанија со висок профил. Ваквите бојкоти, кои ги полнат насловните страници на порталите и весниците, доведуваат до поголем пад на цените на акциите и е поверојатно да ја принудат компанијата да го промени своето однесување. Истражувањата покажуваат дека бојкотите се поефикасни во сектори како што се туризмот и модата поради специфичната природа на овие индустрии.
Сегашниот бојкот во Канада, кој ги поттикнува Канаѓаните да купуваат канадски производи, наместо американски, оди добро. Трговските центри дури поставија етикети за канадски производи на полиците за да ги разликуваат од стоките на нивниот јужен сосед. Исто така, Канаѓаните се поттикнуваат да не патуваат во Соединетите Американски Држави. Изненадувачки, тие најчесто се држат до него. Причината за канадскиот бојкот е, се разбира, царинската политика на Трамп.
Решение: Државен арбитер?
Ако бојкотите не функционираат, што всушност би функционирало, односно кој може да спречи цените на стоките за широка потрошувачка да растат? Според низа економски аналитичари, а и соговорници, одговорот е јасен и единствениот точен: националните влади.
– Државите, односно нивните влади ги поставуваат правилата на играта и однесувањето во светот на економијата, како и во други области. Владата може и мора да утврди кои цени се реални со оглед на цените на светските пазари, цените на набавките, суровините, деловите и просечниот џеб на граѓаните. Државата мора да биде судија и да спречи фиксирање на цените и надувување што може да го вршат големите корпорации. Секое друго решение е нереално. Проблемот е што многу влади се под влијание на големи мултинационални корпорации и, поради корупција, донесуваат закони што не им користат на нивните граѓани. Ова е феномен на зајакнување на приватниот сектор на сметка на државните актери. Сепак, тоа е тема за друга анализа, пишуваат повеќе регионални медиуми, во консултација со економски експерти, низ чие мислење се детектираа ефектите на феноменот – „граѓански бојкот на трговските синџири во регионот“, како што се детектира и најдобриот лек за спречување на „нефер трговските практики“ – палета на превентивни и репресивни мерки на владите во име на граѓаните. Е.Р.