МАРКЕТИНГ И ПРОПАГАНДА: ПРИЛОЗИ КОН ПРОУЧУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА НА МАРКЕТИНГОТ, МАРКЕТИНШКАТА МИСЛА, РЕКЛАМАТА И ПРОПАГАНДАТА
Фељтон на „Нова Македонија“ според текстови од книгата „Marketing and Propaganda – A brief history of: Marketing, Marketing thought, Advertising and Propaganda“, објавена на Амазон во 2023 година од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
Зборот реклама потекнува од латинското „reclama“, со значење – „вика високо – соопштува“. Латинското значење на зборот што се користи денес несомнено потсетува на викањето на македонските пазари и ден-денес, но и на старите начини на соопштување важни пораки
Мед и ум. Медиум. Прифаќајќи ги странските, туѓи зборови и изрази, однесувајќи се како тоа да е нешто сосема нормално, полека но сигурно претрпевме рекодирање на нашиот код, а доколку продолжиме во ова темпо, со сигурност на колективно ниво ќе ја изгубиме светлината што ни е дадена од Словото. Штом глаголиме, значи постоиме. Во речникот на македонски зборови, изразот медиум е опишан со три значења. Како нешто што значи средина, како средство за масовна комуникација и како опис на лице што „контактира“ со некој друг свет, димензија, различни од нашите…
Прилог кон проучувањето на почетоците на рекламирањето
Зборот реклама потекнува од латинското „reclama“, со значење – „вика високо – соопштува“. Латинското значење на зборот што се користи денес несомнено потсетува на викањето на македонските пазари и ден-денес, но и на старите начини на соопштување важни пораки.
Временски, појавата на маркетинг-дисциплината во универзитетите е продолжение на изучувањето на продажбите и пазарот. За разлика од научните списанија, првите реклами во Англија и САД почнале да се појавуваат во неделни списанија уште во 18 век, а растот на рекламите во печатот се зголемил во втората половина на 19 век, што може да се забележи и од архивите со реклами од многуте весници. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век се појавуваат реклами и од Германија, Франција, Јапонија, Кина и други земји.
Во денешната дигитална ера, психологијата на човекот е и тоа како земена предвид при подготвувањето на различните реклами, кои доаѓаат од многу повеќе точки за разлика од минатото. Печатот, радиото, телевизијата и интернетот се медиуми што би требало да се користат за информација, едукација и комуникација, но – се користат и за убедување, рекламирање и продажби.

Во старите времиња, уличните гласници го најавувале пристигнувањето на војските, карваните, корабите, но и присуството на различни производи на пазарите. Патокази постоеле уште од памтивек, а знаците за работилници и дуќани биле правени во форма или од материјал каков што бил продаван на локацијата каде што покажувале тие стари знаци. Написи на ѕидовите со комерцијални пораки биле користени од многу цивилизации што живееле на различни делови од планетата Земја. Ѕидовите на Помпеја биле преполни со пораки, кои се вбројуваат во едни од најстарите примери за билборд-рекламирање. Освен љубовни и продажни пораки, во старите графити не изостанувале и политичките пораки. Во Египет уште одамна имало постери од папирус со комерцијални пораки, кои биле прикачувани на дрвја, ѕидови и камења.
Во средниот век хералдиката била користена за благородниците симболички да го означат потеклото на производите што биле произведувани на нивните поседи или за да се обележат големите куќи, кои често биле користени и како туристички локации за посетителите.
Во 15 век се појавува печатачката машина, што за првпат овозможува печатење големи тиражи за широка употреба. Во истиот период се појавуваат и првите печатени реклами во книгите.
Во 18 век се објавени првите списанија во кои започнале да се објавуваат огласи и реклами.
Во 19 век се појавуваат првите билборди и постери.
Во 20 век, во првата половина на векот, со појавата на радиото и телевизијата се појавуваат рекламирањето на радио и првата реклама на ТВ.
Во 20 век, во втората половина на векот, се зголемува бројот на ТВ и радиореклами, се зголемува потрошувачкото општество, а со тоа расте и маркетингот. Со развојот на технологијата, се појавуваат и телефонските реклами, телемаркетинг, мобилен маркетинг, интернет-маркетинг итн.
Појавата на печатот и индустријализацијата овозможиле развој на уличното рекламирање, па, така, многу од ѕидовите на зградите во центрите на големите градови уште пред неколку века биле преполни со рекламни пораки и огласи. Техничкиот и технолошкиот напредок и појавата на радиото и телевизијата како медиуми за масовно информирање придонеле за зголемување на рекламирањето, а интернетот од виртуелен простор за комуникација и информирање, започна да се претвора во огромен пропаганден и рекламен механизам.
Појавата на весниците и списанијата за масовна употреба во 18 и 19 век причинила појава на печатени огласи и реклами во нив. Во 19 век се оформиле и првите рекламни агенции во Англија и Америка. Разгледувајќи ги архивите со старите реклами и огласи, можеме да го забележиме нивниот хронолошки развој. Најпрвин, огласувањето и рекламирањето се извршувале во печатените книги, весници и списанија преку објавување текст со содржани информации за продуктот или услугата. Во втората половина на 19 век се појавуваат и цртежи, фотографии, повеќе рекламни слогани и креативност при рекламирањето. Огласувале учители, музичари, компании, аукции и така на таму. Во тие стари реклами се рекламирале книги, лекови, тутун, алкохол, козметика, оружје и што ли уште не. Според начинот на објавување на рекламите, нивната содржина и форма, по истражувањето што го направив можам да им поставам една слободна временска историска рамка. Хронолошки, историјата на рекламирањето за почеток би ја поделил вака:
Почетоци, до 18 век
Прва етапа, прва половина на 19 век
Втора етапа, втора половина на 19 век
Трета етапа, 1900–1918
Четврта етапа, 1918–1945
Петта етапа, 1945–1999, 2000–2012, 2012–иднината
продолжува