Фото: Принтскрин/илустрација

Откако шефот на Агенцијата за атомска енергија на Обединетите нации (ОН) предупреди дека Иран има доволно ураниум за да произведе „неколку“ нуклеарни бомби, еден ирански пратеник изјави дека Исламската Република Иран веќе поседува атомско оружје.

На предупредувањето на МААЕ дека Иран има потенцијал да направи атомска бомба, ирански пратеник во јавноста изјави дека Иран веќе има такво оружје

– Ние веќе развивме нуклеарно оружје, но не го објавуваме тоа. Ова значи дека нашата вистинска политика е да поседуваме нуклеарни бомби, но нашата декларирана политика моментално е во рамките на JCPOA – изјави Ахмад Бахшајеш Ардестани за иранскиот медиум „Рујдад 24“ деновиве. За појаснување, кратенката JCPOA што ја употреби иранскиот пратеник во својата изјава значи „Заеднички сеопфатен план за акција“, официјалното име за иранскиот нуклеарен договор.
За издвојување е дека претседателот на САД еднострано се повлече од JCPOA во 2018 година, бидејќи, тврдеше неговата администрација, со тој договор не успеа да го запре „стремежот на Иран за создавање нуклеарно оружје“. JCPOA, додека беше на сила, му гарантираше на Иран дека нема да трпи огромни економски санкции во замена за неразвивање нуклеарно оружје, за ограничен временски период.
Дејвид Вурмсер, поранешен висок советник на Дик Чејни (некогашен потпретседател на САД) задолжен за непролиферација (неширење на нуклеарно оружје) за Блискиот Исток, за „Фокс њуз“ изјави: „Растојанието од местото каде што е Иран до вистинското оружје сè уште е далеку, под претпоставка дека информациите што ги имаме се точни. Знаеме дека Севернокорејците комуницираа со Иранците и знаеме дека односите со Северна Кореја датираат пред многу, многу години. Комунистичката држава Северна Кореја претходно ѝ помогна на Сирија да го изгради својот нелегален нуклеарен реактор. Израелските воздухопловни сили го оневозможија тој реактор во 2007 година“.

Но, истовремено, Вурмсер предупреди: „Бидејќи интелигенцијата е генерално нецелосна и инхерентно настојува да открие што другата страна сака да остане скриено, мора да претпоставуваме изненадувања. Пакистанските, руските, кинеските, па дури и јужноафриканските програми беа понапред од она што го очекувавме кога беа разоткриени. Така беше и со Либија“.
Експертот за неширење на оружјето истакна: „Значи, сè на сè, се сомневам дека Иран сè уште има нуклеарно оружје и исто така се сомневам дека програмата е во стабилна состојба. Но мислам дека Иран притиска напред и има јасна намера да оди докрај, така што има уште време, но брзо истекува. И, се разбира, последиците од иранската бомба се катастрофални за регионот, за опстанокот на Израел и за статусот на американската моќ во светот“.

Р.С.