Првичната оцена дека станува збор за историски момент е што по 55 години во целосна изолација во православниот свет, наметната од Српската православна црква (СПЦ), Вселенската патријаршија реши дека МПЦ не е неканонска црква и дека проблемот е само административен. Тоа значи дека која било православна црква сега може да сослужува со нашата црква. Впрочем, ова беше и едно од барањата на генерациите архијереи, кои бараа СПЦ да се согласи на сослужување и да не се проблематизира канонскиот аспект на црквата, а да се продолжи да се разговара за формалниот статус на МПЦ
По одлуката на Вселенската патријаршија да воспостави канонско единство со МПЦ-ОА
Полесен пат до автокефалност или посигурна патека до крајната цел, полна со нови предизвици? Зошто вчерашната одлука на Вселенската патријаршија да воспостави канонско единство со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го доби атрибутот – историска?
Ова се клучните прашања на кои јавноста, затечена со пријатното изненадување од веста за воспоставување канонско единство на Вселенската патријаршија со МПЦ-ОА, бараше одговори… Поаѓајќи од уверувањето на голем дел од граѓаните – православни христијани во Македонија, кои сметаат дека МПЦ-ОА е носечки столб на идентитетот на македонскиот народ и на државата, од разговорите со голем број граѓани, кои сѐ уште со неверување, но и воодушевени од потегот на Вартоломеј, констатираат дека „децениската борба за македонската црковна вистина ќе биде успешна само ако се оствари сонот на генерациите за признавање на автокефалниот статус на црквата“…
Зошто ова е квалификувано како историски чекор?
Првичната оцена дека станува збор за историски момент е што по 55 години во целосна изолација во православниот свет, наметната од Српската православна црква (СПЦ), Вселенската патријаршија реши дека „МПЦ не е неканонска црква“ и дека „проблемот е само административен“! Тоа значи дека која било православна црква сега може да сослужува со нашата црква!
Впрочем, ова беше и едно од барањата на генерациите архијереи, кои бараа СПЦ да се согласи на сослужување и да не се проблематизира канонскиот аспект на црквата, а да се продолжи да се разговара за формалниот статус на МПЦ.
Сега со оваа одлука на Вселенската патријаршија тоа е надминато и истото тоа нема да биде предмет на разговори со СПЦ!
Понатаму, вториот аспект зошто одлуката на Вселенската патријаршија се толкува како историска е признавањето на името Охридска архиепископија, што е признавање на 1.100 години духовен континуитет!
На прашањето што значи фактички одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија и зошто таа е историска за МПЦ-ОА, своја анализа дава Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, кој докторирал на темата „Уставноправен статус на религиите и слобода на вероисповед со посебен осврт на Република Македонија“.
Според него, одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија за признавање на нашата црква за канонска е еден од неколкуте поважни настани во најновата историја на Република Македонија, рамен со други слични достигнувања, како на пример стекнувањето на независноста.
– Имено, тоа што е 8 септември 1991-та за нашата држава и за нејзините граѓани, сметам дека тоа е 9 мај 2022-та за современата наследничка на древната Охридска архиепископија и за нејзините верници. Со одлуката на Вселенската патријаршија, која доаѓа 260 години по 1762 година кога беше укината Охридската архиепископија и 55 години по 1967-та кога беше донесена одлуката за возобновување на оваа древна архиепископија во лицето на МПЦ, нашата црква и нејзините верници стануваат рамноправен дел од поредокот на едната света, соборна и апостолска црква, како и сите други цркви и верници, а кој е возглавен од страна на првопрестолната Вселенска патријаршија. Оттаму, краткиот заклучок би бил дека одлуката има несомнено историски одек, кој е од голема полза за сите православни христијани во Македонија, како и за целата православна екумена – посочува тој.
Дилеми што ја оптоваруваат јавноста
Сепак, во сето ова има и дилеми што претстојат за решавање, а произлегуваат од одлуката на Вселенската патријаршија. Таму пишува дека „Како име на оваа Црква го признава ’Охридска‘ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската патријаршија, која не го употребува терминот ’Македонска‘, или друга изведенка од зборот ’Македонија‘“.
Првата што се појавува за јавноста е токму именувањето на црквата, односно зошто не се вклучени терминот македонска и изведенките од името Македонија.
Во православниот поредок постојат две опции за именување. Едната е по древните имиња, како што е Охридска архиепископија. Втората опција е по името на државата. На пример, Православна црква на Албанија. Со оглед на тоа дека уставното име на Македонија е Република Северна Македонија, тогаш граѓаните го поставуваат прашањето дали тоа значи дека и нашата црква би се преименувала како православна црква на РСМ?! Според експертите, тоа е исклучено, и од формалноправен аспект и како обврска. Од друга страна, таквото нешто не овозможува никаков правен континуитет со Охридската архиепископија. Имињата како Македонска, Руска, Српска се народни имиња на црквите и тие се дел од колективната меморија на народите. Според нив, така ќе биде и со МПЦ.
Според Спасеновски, секоја црква дејствува во одреден државно-административен контекст, па така и МПЦ-ОА.
– Со одлуката на Вселенската патријаршија, како што можевме да прочитаме од соопштението, нашата црква се вклучува во поредокот, односно таа не е веќе надвор од него како што беше децении наназад. Црковно-правните аспекти, пак, поврзани со опфатот на идната автокефалност, со меѓусебните односи, како и со официјалното име на МПЦ-ОА се оставени да се уредат во периодот што следува. Во секој случај, искуството покажува дека православните цркви името го определуваат според државата во која дејствуваат или според нивното историско седиште. Во оваа смисла, во Грција името на Црквата е „Црква на Грција“, која е и Атинска архиепископија, во Украина е „Православна црква на Украина“, која е и „Киевска митрополија“, во Албанија името на црквата е „Православна автокефална црква на Албанија“ итн. Оттаму, и кога станува збор за прашањето на називот на нашата црква во идниот томос, извесно е дека тоа ќе се уредува во согласност со Уставот на нашата држава, како и во согласност со традициите на Православната црква во оваа смисла. Исто така, важно е да напоменеме дека МПЦ-ОА во овој момент се нема откажано, односно нема прифатено ништо во оваа смисла, бидејќи тоа сега не е тема. И обратно! Сметам дека неодмереното занимавање со ова прашање поврзано со името, кое е затворено со Преспанскиот договор од 2018 и уставните измени, не придонесува на вистински и одмерен начин да се утврди големината на овој настан. И конечно, мора да бидеме реални и да кажеме дека надминувањето на спорот со името помеѓу Македонија и Грција претставуваше многу поволен фактор што доведе до натамошно зближување на двете земји, на граѓаните и конечно – на Црквите – објаснува Спасеновски.
Уште еден предизвик: Улогата на СПЦ во идните разговори
Втората дилема за јавноста е делот во кој пишува: „Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.“ Што значи тоа?
Објаснувањето е дека со оглед на тоа што епархиите во Македонија се дел формално од канонското подрачје на СПЦ, Вселенската патријаршија бара во процесот на автокефалност да се вклучи и СПЦ, односно да не го опструира и да соработува за да се постигне целосно единство.
Спасеновски вели дека одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на нашата црква за канонска претставува првиот и најважен чекор што почива на барањето на МПЦ, Вселенската патријаршија во спорот на нашата црква со СПЦ да се вклучи врз основа на нејзиното право за еклитон, односно за носење конечна одлука при меѓуцрковни спорови.
– Ова значи дека денес и формално прашањето на статусот на МПЦ се интернационализира, односно престана да биде ексклузивна надлежност само на СПЦ. Од своја страна, пак, останува да се види каква ќе биде реакцијата на Српската црква, односно дали таа ќе се сообрази со новите околности, почитувајќи го поредокот на црквата или, пак, ќе продолжи со старата пракса, на тој начин доведувајќи ја Вселенската патријаршија во ситуација да преземе други чекори во оваа насока – посочува професорот.
Можно ли е Бугарската црква да опструира?
Сепак, во јавноста се појавува и третата дилема, а таа е поврзана со Бугарија и нејзиниот став дека Охридската архиепископија е бугарска. Дали од ова може да се очекуваат реакции од Бугарската православна црква, со оглед на тоа дека тие ја сметаат Охридската архиепископија за своја.
На оваа дилема, професорот Спасеновски вели дека не поминале ниту 24 часа од одлуката на Вселенската патријаршија и, како што е случај за вакви теми, веднаш почнале да пристигнуваат изјави на пофалби, но и на осуда.
– Дел од втората група се некои медиуми во Бугарија, кои овој потег го толкуваат драматично, користејќи зборови како на пример „национално предавство“. Сепак, сметам дека треба да го почекаме официјалниот став на православната црква во оваа држава за да можеме да ги изведеме вистинските заклучоци – заклучува тој.
Синод на МПЦ-ОА: Благодарност до патријархот Вартоломеј, продолжуваат разговорите со СПЦ
Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија вчера изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј за синодалниот акт за канонско и евхаристиско единство на ерархијата на МПЦ-ОА, со еклисиолошкото име со кое се потврдува вековниот црковен континуитет, и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на Македонската црква.
– САС на МПЦ-ОА изразува најсрдечна благодарност на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата ерархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име, со што се обезбедува вековниот црковен континуитет. Истовремено ја известуваме јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската патријаршија, дека во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете цркви – се наведува во соопштението по вонредната синодска седница.