Во ООУ „Елпида Караманди“ во Битола во изминатиов период беа извршени повеќе реконструктивни зафати, со цел подобрување на условите за одвивање на наставно-образовниот процес. Во текот на учебната година успешно беше реализирано реновирањето на две училници, еден специјализиран кабинет и дел од училишниот двор.
Со реконструкцијата и уредувањето на училниците е направена целосна замена на подот, при што постојната подна површина е заменета со нов линолеум под, со што се обезбедуваат подобрени услови за одржување и хигиена. Поставување нови ученички клупи и столчиња, кои нудат поголема удобност и ергономија за време на наставата. Реновиран е и санитарниот дел во училниците, при што се заменети плочките и санитаријата, со што се подобрени хигиенските стандарди и функционалноста.
Реновирани се и кабинетите по хемија, биологија и природни науки. Моментно се изведуваат активности за поставување нови подни плочки, со што ќе се обезбедат лесно одржување, поголема отпорност и соодветна опременост за лабораториски услови. По завршувањето на подната реконструкција, кабинетот ќе биде подготвен за понатамошно опремување и подобрување на наставната практика во природните науки.
Во училишниот двор е изграден забавен и едукативен мини-парк, наменет за игра, дружење и учење преку активности, а содржи простор за играње шах, полиња за „Не лути се човече“ и детска игра „Царица“. Овој едукативен простор придонесува за развој на логичко размислување, тимска работа и социјализација кај учениците и претставува значајно збогатување на надворешната средина на училиштето.
Градоначалникот Тони Коњановски, изразувајќи задоволство од реализацијата на зафатите, потсети дека Општина Битола високо на својата агенда го има инвестирањето во образованието во соработка со надлежното министерство.
































