Фото: Принтскрин

СП 2025 има награден фонд од една милијарда долари и солидарен фонд од 250 милиони, што значи дека наследството на турнирот ќе се почувствува долго по финалето, а ФИФА нема приход, пишува ФИФА. „Имаме повеќе застапени земји на клупското СП, отколку во 100 години на СП за репрезентации. Светското клупско првенство е дефинитивно светско првенство, ќе биде огромен, огромен успех, рече Инфантино, претседател на ФИФА

ВО ПРЕСРЕТ НА ПРОШИРЕНОТО КЛУПСКО СП 2025

Сѐ ќе се врати во фудбалот, парични награди за клубовите и солидарни фондови за клупскиот фудбал низ светот, рече претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, во својот говор на Конгресот на ФИФА во Парагвај, во пресрет на клупското Светско првенство (СП) од 14 јуни во САД, пренесе ФИФА.
Клупскиот Мундијал има награден фонд од една милијарда долари за 32-те клуба-учесници, а има и солидарен фонд од 250 милиони долари за клубовите што не учествуваат, што значи дека наследството на турнирот ќе се почувствува долго по финалето, при што ФИФА нема приход, пишува ФИФА.
– Мојата благодарност оди до сите што учествуваа во овој успех, конфедерациите, федерациите, лигите, клубовите, играчите, Европската клупска асоцијација, нејзиниот претседател, секој што ја сподели нашата визија за потребата светот да има глобално клупско натпреварување затоа што мораме да се погрижиме клубовите, не само репрезентациите, туку и клубовите, да можат да блеснат на глобалната сцена и да можат да станат подобри во целиот свет. Имаме повеќе земји застапени на клупското СП, отколку во 100 години од Светското првенство за репрезентации, бидејќи клубовите денес, врвните клубови во светот, тие се мултинационални. Тие имаат добри играчи од секоја земја во светот. Имаме 90 земји што ќе бидат вклучени директно. Светското клупско првенство е дефинитивно светско првенство, тоа ќе биде огромен, огромен успех – рече Инфантино.
Клупското СП ќе игра клучна улога во обезбедувањето ФИФА да вложи рекордни 13 милијарди долари за циклусот од 2023 до 2026 година, како што е рефлектирано во деталниот буџет за 2026 година и ревидираниот буџет за циклусот 2023-2026 година, кои беа одобрени од Конгресот на ФИФА заедно со финансиските извештаи, пишува ФИФА. Н.М.