Фото: Пиксабеј

Ново истражување на шест индиски научници откри загрижувачки тренд: Индија во последните триесет години ја губи сончевата светлина. Податоците од 20 метеоролошки станици од 1988 до 2018 година покажуваат постојан пад на бројот на сончеви часови во речиси сите делови на земјата, освен во североисточниот регион, каде што е забележан само мал сезонски пораст.
Научниците од Универзитетот „Банарас Хинду“, Индискиот институт за тропска метеорологија и Државниот метеоролошки завод наведуваат дека најголеми годишни падови се забележани во северните градови, потоа покрај Хималаите и на западниот брег, особено во Мумбај. Иако интензитетот на намалувањето се разликува од регион до регион, ниту една од деветте анализирани климатски зони не останала поштедена.
Научниците како главни причини за „исчезнувањето“ на сонцето ги наведуваат зголеменото загадување на воздухот, растечкото количество на аеросоли и подолгите облачни формации. Од 1990-тите, забрзаната урбанизација, индустрискиот раст и сообраќајниот притисок значително ги зголемиле емисиите на честички од фосилни горива и биомаса.