На третата седница на Президиумот на AСНОМ, која била одржана од 2 до 5 септември 1944 година, во манастирот „Прохор Пчињски“, била донесена одлуката за основање дневен весник. Првиот број излегол на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, претворена во музеј.
Веднаш потоа биле задолжени Агитациско-пропагандното одделение (АГИТПРОП) при ЦК КПМ и Главниот штаб да формираат и специјална комисија што ќе го подготвува и ќе го издава овој дневен весник. За името на весникот уште веднаш паднале три предлози – Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Најприфатливо било името Нова Македонија, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено-политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење. Иако битките за конечно ослободување биле во тек и интензивно се одвивале, во исто време до сите народноослободителни одбори и други органи и организации пристигнала директива на Поверенството за информации, во која дури и се дал потсетник за тоа „што да се пише во дописките“. Притоа се нагласува дека:
„Весникот нема да е еден сувоофицијален орган, кој ќе публикува само заповеди и решенија и ќе излегува само со некоја политичка статија, ами треба да се претвори во широк, масовен лист, да стане истински народен весник…“
За негов прв главен уредник е назначен Васил Ивановски. Првиот број, кој сè на сè имал осум страници, излегол во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија и претставувал прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик. Вториот број бил отпечатен во Битола, а од третиот (22 ноември) се печати и излегува во Скопје. Весникот излегол дури и на 27 јули 1963 година, ден по скопскиот земјотрес.
По бурните транзициски години, обновената „Нова Македонија“ почна да излегува на 30 април 2008 година.
(Википедија на македонски јазик)