Транспортната криза како повеќеслоен политички проблем, чиј извор е – Брисел
- Проблемот со транспортот е реален и итен. Но неговото користење како можност за регрутација на нови „бугарски државјани од Македонија“ е политички малициозно, идентитетски чувствително и долгорочно дестабилизирачко за односите меѓу државите и народите. Решението не е во менување пасоши, туку во јасни билатерални договори, притисок врз ЕУ за еднаков третман и заштита на правото на работа и движење без условување за идентитетот. Па, нели Бугарија се обврза да ни го олесни евроинтегрирањето, а не да нѐ претопува идентитетски со помош на ЕУ-прописите, велат нашите соговорници
Блокадите, административните пречки и новите ЕУ-правила (особено системите за влез/излез, дозволи, дигитална евиденција) реално ги ставаат македонските превозници во неповолна позиција. Македонија не е членка на ЕУ, а транспортниот сектор практично живее од пристапот до ЕУ-пазарот. Тоа создава структурна ранливост. Во една таква фрагилна состојба, изјавата на бугарскиот професор и академик Спас Ташев, кој провокативно ги повика македонските камионџии „да си извадат бугарски пасоши ако не сакаат да имаат проблем со новите правила за влез во ЕУ“ е далеку од академски или технички совет, туку тоа претставува тврда политичка порака. Таа имплицира дека проблемот не е во системот, туку во идентитетот/пасошот на луѓето, при што „индивидуалната адаптација“ (промена на државјанство) е прифатлива замена за институционално решение.(!?) За засегнатите камионџии, но и генерално за Македонците, тоа звучи не само цинично туку и длабоко навредливо и идентитетско-деноминирачки.
Пасошот како структурно поттикната „алатка за асимилација“ на Софија
Формално, државјанството е правен однос меѓу поединец и држава. Но бугарската политика за доделување државјанства на Македонци одамна ја надминува правната рамка и влегува во идентитетската сфера. Клучниот проблем не е тоа што некој индивидуално зема бугарски пасош (од економски или практични причини), туку условувањето во пракса каде што апликантите често мораат да потпишат изјави за „бугарско потекло (т.н. праисход)“. Така, бугарскиот наратив за овој процес е дека „секој нов пасош се претставува како ’доказ’ за бугарскиот карактер на македонското население“. За издвојување е дека во пракса е позната и статистичката (бројчаната) злоупотреба на Софија во врска со оваа појава, при што бројките потоа се користат во политички и дипломатски контексти.
Токму тука, според нашите соговорници, пасошот престанува да биде документ за мобилност и станува инструмент за суштинска асимилација.
– Кога високопозициониран интелектуалец од Бугарија јавно се изјаснува на овој начин, вклучувајќи ја и поддршката од носители на јавни функции во Бугарија дека „со земање бугарски пасоши ќе се реши проблемот“, тогаш тоа не е само потсмевање туку де факто и уцена преку системот, а не слободен избор во рамноправни услови Тоа е клучната разлика меѓу индивидуална миграциска одлука и структурно поттикната асимилација – велат нашите соговорници.
Она што е особено важно во овој момент е дека во бугарските институции постои некаков сеопшт консензус за користење на сите можни шанси и пригоди во кои многу субјекти во Бугарија едноставно опортунистички се приспособуваат кон новите моменти во политичкиот, економскиот и воопшто јавниот живот за искористување на секоја поволна околност за деноминирање на македонскиот идентитет и истакнување на бугарскиот карактер на македонскиот народ, јазик, историја, култура… Токму ваква шанса се изроди на маката на транспортерите од Македонија и од регионот, при што „креативните бугарски кругови“ веднаш ја лансираа новата (асимилаторска) идеја како божемно решение.
Улогата на ЕУ: Небрежност или умисла на бриселската бирократија
ЕУ, која декларативно им се придржува на меѓународното право и, се разбира, на перемпторното право (јус когенс), понатаму се декларира дека штити различности и малцински права, ноторен факт е дека индиректно создава услови во кои тие права се поткопуваат. Јасен пример е за тоа и проблемот што е генериран од бриселската администрација и кој е повеќеслоен, а во еден од неговите проблемски аспекти Софија опортунистички користи алатки за побугарување на македонските граѓани, користејќи ги нивните животни и деловни тешкотии.
– Јасно е дека ЕУ формално не „наредува“ асимилација, но дозволува државјанствата на земји членки да бидат влезница за права. Брисел не реагира на злоупотребата на тие политики во чувствителни билатерални контексти. Но, што е најважно, а ова последново не може да биде од небрежност, туку сигурно има некаква заднина, е тоа што Брисел ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со македонското малцинство во Бугарија во политичката пракса – велат резигнирано нашите соговорници, додавајќи дека токму поради ваквото однесување сите се доведуваме во своевиден парадокс, во ваква бесмислица, наспроти здравиот разум.
Според нашите соговорници, кои се осврнуваат само на овој (идентитетски) аспект на повеќеслојниот проблем на транспортерите, доколку ваквиот тренд продолжи, тогаш проблемите ќе се продлабочат и од овој аспект, односно ќе се нормализира тезата дека „пасошот е решение за дискриминацијата“, ќе се разградува идејата за колективни права и меѓународни договори и ќе се создава тивок, но континуиран притисок врз македонскиот идентитет – не со сила, туку со „практичност“, пред очите на ЕУ. Нашите соговорници дури и алармираат дека овој начин на размислување и на дејствување на Софија е исклучително опасен „ затоа што не изгледа насилно, туку рационално, економски и „европски“…
– Проблемот со транспортот е реален и итен. Но неговото користење како можност за регрутација на нови „бугарски државјани од Македонија“ е политички малициозно, идентитетски чувствително и долгорочно дестабилизирачко за односите меѓу државите. Решението не е во менување пасоши, туку во јасни билатерални договори, притисок врз ЕУ за еднаков третман и заштита на правото на работа и движење без условување на идентитетот. Па, нели Бугарија се обврза да ни го олесни евроинтегрирањето, а не да нѐ претопува идентитетски со помош на ЕУ-прописите – поентираат нашите соговорници. Р.Н.М.
































