Разговор со Хана Корнети, добитничка на наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ за најдобра книга за деца за 2025 година
- Кога ја пишував „Илина“, размислував за тоа какви книги сум сакала да читам како дете, па и сега. Сакам фантазија, хумор, несовршени херои и јазик што не ме инфантилизира. Од друга страна, размислував кои теми, макар и да се тешки и комплексни, сметам дека треба да ѝ бидат претставени и приближени на младата публика, вели писателката Хана Корнети
Во Друштвото на писателите на Македонија, неодамна беа доделени годишните награди за најдобри остварувања во повеќе категории. Годинава наградата за најдобра книга за деца за 2025 година, „Ванчо Николески“, ѝ припадна на писателката Хана Корнети, за делото „Илина и тајните на Бабин Заб“, во издание на „Или-или“.
Хана Корнети (34) е авторка на две збирки раскази за возрасни, како и на два романа за деца. Исто така, има напишано сценарио и песна за кратки анимирани филмови, како и сценарио за спотот „Плес на танком леду“ („Танц на тенок мраз“) на хрватскиот пејач и гитарист Дарко Рундек и Ана Ковачиќ, во соработка со Ѓорѓе Јовановиќ, Ѓорѓи Митревски и театарот „Сенки и облаци“. Меѓу другото, се занимава и со компонирање музика.
Добитничка е на наградата на конкурсот за расказ на „Нова Македонија“, на награда за пиеса од Здружението на драматурзи и сценаристи на Македонија, а најновата награда „Ванчо Николески“ беше повод за нашиот разговор со неа, кој го искористивме да дознаеме како се создавала нејзината наградена книга, кој бил мотивот, но и кои се нејзините омилени книги за деца.
Какво е чувството кога ваше дело добива награда со името на основоположникот на македонската литература за деца Ванчо Николески?
– Секако дека е огромна чест да се добие ова признание, наречено по автор со чии книги растеле генерации. Се радувам што жирито, кое се состои од писатели што поседуваат интегритет и свој авторски печат, препозна нешто вредно во „Илина и тајните на Бабин Заб“. Сепак, секогаш сакам да се потсетам себеси, па сега и читателите, дека наградите на уметнички трудови се субјективна работа. Меѓу другото, тие зависат од вкусот на оние што го избираат победникот. Во животот и творештвото на еден уметник, тие се повеќе обележја по патот отколку главни цели кон кои треба да се стремиме. Најважно е да продолжиме да твориме, да уживаме во самиот процес на пишување и со здрава доза на самокритика да се трудиме да се изостриме во занаетот.
Каква книга е „Илина и тајните на Бабин Заб“? Кој беше вашиот основен мотив да ја создадете и на која возрасна категорија на деца им се обраќате?
– „Илина и тајните на Бабин Заб“ е втор дел од планираната трилогија за Илина. Првиот дел, „Илина и шумските тролови“, излезе во 2023 година во мојата матична издавачка куќа „Или-или“. Идејата за книгата ми дојде на сон. Од еден сон, излегоа неколку поглавја. Низ тие случувања, Илина и другите ликови во книгата развија толку јасни карактери што самите си кажуваа каде сакаат да одат. Впрочем, Илина е толку тврдоглава што и да пробав, не ќе можев да ја натерам да направи нешто што не сака! Кога ја пишував „Илина“, размислував за тоа какви книги сум сакала да читам како дете, па и сега. Сакав фантазија, хумор, несовршени херои и јазик што не ме инфантилизира. Од друга страна, размислував кои теми, макар и да се тешки и комплексни, сметам дека треба да ѝ бидат претставени и приближени на младата публика. Оттаму, на пример, и излезе дека Илина се соочува со истите тие – комплексноста на пријателствата, соочување со сопствените грешки, развод на родители, смртта како дел од животот, идентитетот во развој, телото што расте и ни станува (во некои мигови) помалку познато, границата помеѓу детството и таканаречената „зрелост“ и така натаму. Иако официјалната возрасна категорија е за деца меѓу осум-девет и дванаесет години, знам многу помали и далеку постари читатели што уживаат во овие книги.
Поконкретно, со кои автори за деца растевте вие и кои од денешните книги за најмладите читатели би ги издвоиле и би ги препорачале?
– Пред да научам да читам, слушав многу приказни. Сестрата на баба ми, која ми беше втора баба, прво ми раскажуваше влашки приказни, а потоа читаше книги за да ми ги раскажува. Ми раскажуваше руски бајки за Баба Јага и Василиса Прекрасна, потоа ми ја раскажуваше „Илјада и една ноќ“, претпоставувам со адаптирана содржина за возраста, „Илијада“, „Одисеја“ и така натаму.
Кога почнав да читам, се разбира уживав во книгите на Оливера Николова и Ванчо Николески. Многу ги сакав, а Славка Манева – особено со „Седмичка малата вештерка“ и „Ѕвездени перничиња“, за која сега дознав дека Манева ја добила истата награда од ДПМ во 1996 година. Тука е и Астрид Линдгрен, особено „Роња, ќерката на разбојникот“, која ја читав и сама и заедно со тета. Потоа почнав да читам уште повеќе фантазија, како К.С. Луис и „Хрониките на Нарнија“, Толкин, почнувајќи со „Лунѕало“, па „Хобит“, па трилогијата „Господарот на прстените“.
Многу ја сакав и „Марковалдо“ од Итало Калвино, за необичните авантури на титуларниот лик, а од мала доста читав и раскази на Едгар Алан По и разна поезија, благодарение на мојот братучед Борче. И секако, тука е мојата голема љубов од детството, „Хари Потер“, книгите на Џ.К. Роулинг, кои во некои моменти дури и правеа да се почувствувам помалку осамено, нешто што сметам дека е важна доблест на книжевноста за деца.
Како го оценувате квалитетот на денешната македонска литература за деца?
– Во домашната современа книжевност за деца има и квалитет и избор за повеќе возрасни групи и вкусови. Се посоветував со мојата другарка, книжевната критичарка и уредничка Наташа Атанасова за препораки, бидејќи таа има ќерка, Каја, од десетина години, и баш се навлезени во оваа област. Се фокусиравме на помладата генерација автори и заедно ги препорачуваме делата на Симона Јовановска, Ника Гавровска, Николина Андова Шопова, Александра Симова и Билјана Црвенковска.
Што ви недостига и што би промениле на книжевнава сцена?
– Недостигаат читатели. Но за да се смени тоа, требаат тектонски промени во нашиот менталитет и пристап кон културата. Особено денес, сметам дека е исклучиво тешко да се биде родител – од една страна заради неизвесноста на еколошката иднина на планетата, од друга страна заради непосредната достапност на секакви содржини преку дигиталните уреди. Не сум голем љубител на ваквата дигитална глобализација, каде што сѐ се слева кон некоја наметната „култура франка“ односно доминирачки, глобално прифатен културен модел.


































