Весела страница: Стихови од македонските писатели за деца за Денот на шегата – 1 Април

Априлилили! Денеска е денот на шегата, таа што ни дарува насмевки и ни внесува радост во секојдневниот живот, нѐ расположува кога сме тажни и ни влева надеж кога се чувствуваме безнадежно иако причина за тоа некогаш може да биде некоја дреболија. Утре, пак, е Светскиот ден на литературата за деца. Токму книгите се тие наши верни пријателки што нѐ дружат уште од најмали нозе, а некои реченици, стихови, раскази и пасуси остануваат врежани во нас засекогаш. Таа моќ ја има само книгата. Па, има ли подобар начин да се одбележат овие два значајни датума од избор на шеговити песни од македонските писатели за деца!?


Први април

Први април е прекрасен ден,
со чоколади накитен дрен.
Еден слон минал цел свет,
во Скопје дошол –
да учи балет.
На една мала ѕвезда
птиците си направиле гнезда,
по зраците сончеви, светли
кон сонцето тргнале петли.
Две деца,
на месечината бледа
прво ставиле греда,
за неа врзале јаже
и, може да се каже
дека малку се измачиле,
но на месечината се качиле.
Први април е…
што да ви кажам.
Вие се чудите,
а јас ве лажам!

Димитар Алачки


Шегувалка

Си пробал ли солен шербет?
И шеќерна шлаканица?
Си сркал си со лажиче семки?
Со виљушка-срканица?

Си лижел ли врел сладолед?
И лижавче пушено на чад?
Си празнел ли праз од бокал?
Пиперки полнети со лутина и јад?

Си пиел ли смрзнат чај?
И течна ’рскавица?
Си џвакал ли сува вода?
Реш-печена лапавица?

Си јадел ли сланина од слана?
И леблебија – со сламка?
Риби од тава си вадел ли со мрежа?
И чорба – со јамка?

Си чул ли за кривина што е права?
И за една ваква турлитава?

Александар Кујунџиски


Лагата

Како може да се вага.
што е вистина, а што лага?
Не е лесно да се лаже,
зборот лажен да се каже.
Срце кинам, лице жарам
мошне грдо, сам се карам.
Вистината си е стројна,
а лагата грда војна.
Чувај боже, не е лесно
секогаш да збориш чесно.
Александар Поповски

Смешки

Смешно е кога некој ти вели
дека животот со тебе го дели

и кога полжавот се мачи
на својата куќа да се качи

и кога не можам да решам
како може ежот да се чеша!
Смешно е и што не знам дали
и огнот на жешко се жали

и дали некаде е во мода
и водата да пие вода.

И, не знам колку е грешно
и смеењето ми е смешно.

Петре М. Андреевски


Дали сте знаеле…

Позитивните вибрации многу брзо преоѓаат на другите

Сигурно веќе знаете дека смеењето е заразно. Кога еден ќе почне да се смее, позитивната вибрација и доброто расположение многу брзо преоѓаат на другите. Исто така смеењето е и многу здраво, што е и научно докажано. Според едно истражување, тоа е еден од најстарите облици на комуникација, а може да биде добро и за срцето, и метафорично и физички. Смеењето го намалува стресот, но се подобрува и меморијата. Затоа, смејте се и радувајте се, ќе ви биде убаво и вам, но и на вашите придружници!