Македонија и Хрватска историски негуваат традиционално блиски и пријателски односи, па пораките од Берлин треба да се преточат во иден македонско-хрватски сојуз што би резултирал со откочување и забрзување на македонскиот евроинтегративен процес, што на крајот би резултирало со членство на земјава во ЕУ. Целиот тој процес би одел под менторство на Хрватска, а со поддршка на Германија
Незадоволство кај дел од членките на ЕУ во врска со стагнирањето на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан
Поддршката и лобирањето што земјите членки на Европската Унија можат да ги дадат за кандидатките за членство, особено оние што се во нивното блиско соседство, може да биде од круцијална важност во забрзувањето на евроинтегративниот пат на тие земји.
Имено, во повеќето бранови на проширување изминатите децении се покажа дека поддршката од некои земји членки одиграла огромна улога при зачленувањето на нивните соседи или на земјите со кои тие имаат традиционално блиски и пријателски односи.
Таква поддршка своевремено даде Германија за зачленувањето на Хрватска во ЕУ, а сега официјален Берлин бара од официјален Загреб, Хрватска да биде промоторот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Германија го гледа клучот за проширувањето кај Хрватска
За време на неодамнешната посета на Хрватска, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул побара од Хрватска таа да биде лобистот на новото проширување на Унијата на Балканот.
– Клучевите за проширување на ЕУ кон Западен Балкан се во рацете на Хрватска – порача Вадефул на неодамнешната средба со неговиот хрватски колега Грлиќ Радман.
Според него, најголема полза од проширувањето во овој дел од регионот ќе има токму Хрватска.
– Хрватска ќе има најголема полза од влезот на својот сосед во ЕУ, но исто така ќе страда најмногу од одложувањето на проширувањето – рече Вадефул.
Тој констатираше дека процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија е во застој со години, па од тие причини ја гледа Хрватска како клуч за поместување од ќор-сокакот.
– Ни треба нова динамика во проширувањето, за Украина, за Молдавија и за земјите од Западен Балкан. Затоа сакам активна, одлучувачка улога за Хрватска во тој процес – истакна Вадефул во Загреб.
Уште појасни дека Хрватска е најмладата членка на ЕУ што се приклучи кон средината на 2013 година, па од таа позиција, може да послужи како пример и да гради мостови кон соседните земји.
Европска вредност е земјите членки на ЕУ да ги помагаат земјите кандидати
Поддршката од соседите на патот кон Европската Унија е особено важна, а тоа може да се забележи деновиве и преку меморандумот што кружи низ повеќето европски метрополи упатен од страна на Литванија, која отворено лобира да се забрза патот на Украина во ЕУ.
Преку тој документ Литванија се заложува да се забрза пристапот на Украина во ЕУ оти Украинците почнале да ја губат довербата во Унијата бидејќи нема никаков напредок во пристапниот процес.
Преговорите се заглавени од јуни, пишува во меморандумот официјален Вилнус, а „неуспехот на ЕУ да ги возврати очекувањата на Украина и да ги спроведе реформите“ веќе е искористен од домашни и странски лоши актери за да ја поткопа довербата на Киев во Европа.
Лекот, изјави Литванија, е едноставен: да се продолжи напред. Данска треба да свика разговори во Копенхаген на почетокот на септември за да се отворат преговори за Украина – и Молдавија – како блок од 26 земји членки ако Унгарија одбие да се приклучи.
– Тоа би пренело јасна порака дека европскиот пат на Украина и Молдавија останува приоритет за ЕУ – се вели во документот.
За Вилнус, влоговите се лични. Обликувана од советската окупација и делејќи граница со Русија, таа го смета опстанокот на Украина за составен дел од сопствената безбедност.
– Вашата победничка борба… ќе биде запишана во учебниците по историја илјадници години што доаѓаат – им рече комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, кој е Литванец, на Украинците собрани пред Европскиот парламент за време на прославата на независноста на земјата во 1991 година изминатиот викенд.
Хрватска отсекогаш искрено ја поддржувала Македонија
Овие примери јасно покажуваат како вистински, а не декларативно земјите членки можат да работат во насока на побрза интеграција на своите соседи во ЕУ.
И додека Грција и Бугарија декларативно изјавуваат дека сакаат земјава да стане дел од ЕУ, во пракса прават сѐ што е можно да го спречат овој процес и на тој начин да ги остварат сопствените вековни интереси на овие простори.
Затоа македонските власти треба внимателно да ги проследат изјавите на германскиот министер дадени во Загреб за тоа како Германија ја гледа Хрватска и нејзината улога во проширувањето, па од таа позиција да се гради нова стратегија во делот на евроинтеграциите.
Имено, Македонија и Хрватска историски негуваат традиционално блиски и пријателски односи, па пораките од Берлин треба да се преточат во иден македонско-хрватски сојуз што би резултирал со откочување и забрзување на македонскиот евроинтегративен процес, што на крајот би резултирало со членство на земјава во ЕУ. Целиот тој процес би одел под менторство на Хрватска, а со поддршка на Германија.
Хрватската поддршка за македонските евроинтеграции не недостигала во ниту еден момент, а тоа во повеќе наврати го манифестираше и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој и за време на посетата на Скопје, но и на Софија, јасно истакна дека Македонија ги исполнила сите услови да чекори напред кон полноправно членство во ЕУ и дека на тој пат не смее да биде блокирана од билатерални прашања.
Грција и Бугарија ја пропуштија можноста, редот е на Хрватска
Дел од експертите за европски прашања сметаат дека изјавата на шефот на германската дипломатија дадена во Загреб е важна порака за Македонија.
– Пораката на министерот Вадефул е повеќе од јасна, сака придвижување на процесот на проширување на Западен Балкан и клучот за тоа го гледа кај Хрватска. Официјална Атина, уште од Солунскиот самит се наметна како промотор на проширувањето на Балканот, но реално не направи ништо да ја оправда улогата што самата си ја додели. Наместо да се залага соседна Македонија што поскоро да биде дел од ЕУ токму заради грчките интереси, безбедносни, економски, политички, таа реши да ја блокира со надеж дека земјата ќе се распадне. Сега истото тоа го прави и Бугарија. Навистина ова се неевропски и недобрососедски политики, само да му се нанесе штета на соседот, без да се гледа пошироката европска слика – велат соговорниците.
Според нив, затоа Германија сега ја става Хрватска во улога на предводник на проширувањето во регионот имајќи го предвид фактот дека и Грција и Бугарија, водени од лични интереси, целосно потфрлија во овој процес.
– Македонија има добри односи со Германија, има и со Хрватска, така што оваа шанса треба да се искористи на најдобар можен начин. Има некаква европска динамика што го фаворизира проширувањето, веројатно од безбедносни причини, па затоа преку Хрватска и нејзините врски со сите балкански земји ќе се турка процесот. Затоа е важно во следниот период да се интензивираат контактите со хрватските власти и да се бара начин како да се надмине бугарската блокада бидејќи проширувањето со земјите од регионот ќе биде од најголема полза токму за актуелните земји членки, но и генерално за цела Европа – заклучуваат дел од експертите за европски политики.
Македонската министерка за финансии во Загреб, Хрватска
Потпис на регионалниот документ – Меморандум за разбирање и соработка за развој на пазарот на капитал
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера пристигна во Хрватска каде што учествува на дводневен самит, во чии рамки е предвидено потпишување на Меморандумот за разбирање и соработка за развој на пазарот на капитал. Настанот се организира од страна на Министерството за финансии на Република Хрватска и претставува регионална иницијатива во која покрај нашата земја, учествуваат и домаќинот Хрватска, потоа Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Бугарија.
– Заедно со министрите за финансии и економија од Централна и Југоисточна Европа имавме средба со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. Разговаравме за важноста на регионалната иницијатива за интеграција на пазарите на капитал – процес што ќе овозможи подобар пристап до финансии за компаниите, ќе ја зголеми довербата на инвеститорите и ќе отвори нови можности за економски раст. Премиерот Пленковиќ ја даде својата силна поддршка за оваа иницијатива. Уверена сум дека со заедничка работа ќе изградиме поконкурентни пазари на капитал и ќе обезбедиме подобра иднина за нашите економии – напиша министерката Кочоска.
– Оваа иницијатива има цел да испрати силен сигнал до инвеститорите, пазарите и меѓународните партнери дека земјите од Централна и Југоисточна Европа се посветени на координирани и усогласени реформи, како и на создавање услови за долгорочен и одржлив економски раст. Учеството на министерката Димитриеска-Кочоска на овој значаен настан претставува потврда за заложбата на Македонија за продлабочување на регионалната економска соработка и за активно вклучување во иницијативи што придонесуваат за развој на пазарите и зајакнување на довербата на инвеститорите – велат од Министерството за финансии.
Ангел Митревски, наш постојан соработник од Хрватска