Христијан Талески од Прилеп, ученик во втора година во СУ „Ристе Ристески-Ричко“, постигна одличен успех на државниот натпревар по историја, освојувајќи го второто место, со што донесе голем успех не само лично туку и на училиштето ина градот.
Во силна конкуренција, од 110 ученици што учествуваа на натпреварот, организиран од Здружението на историчари на Република Македонија, Талески покажа одлични знаења од областа на историјата. Претходно беше одличен на регионалниот и општинскиот натпревар, демонстрирајќи извонредно знаење, аналитички способности и искрена љубов кон историјата.
– Со својата упорност, посветеност и стремеж кон знаење, тој успеа да се истакне меѓу најдобрите млади историчари во земјата – вели неговиот ментор проф. Николче Толоманоски, кој со својот труд и ентузијазам континуирано ги мотивира учениците да ги надградуваат своите знаења и критичко размислување.
Шеснаесетгодишниот ученик Талески вели дека за него е голем успех освоеното второ место и ќе продолжи со едукација и да го негува духот на знаењето, научната љубопитност и напредок.
Во СУ „Ристе Ристески-Ричко“, каде што се гордеат со успехот на нивниот ученик, велат дека успешни настапи на натпреварот имале и ученичките Леона Аврамоска и Слаѓана Аљакоска, кои исто така се уште еден светол момент во нивната образовна приказна.

Ка.М.