Храната во медицината (2)

Здравата исхрана исто така може да го намали ризикот од остеопороза и фрактури кај постарите жени и жените во менопауза. Преглед на многу студии покажа дека здравјето на коските и минералниот статус имаат корист од исхраната богата со овошје, зеленчук, цели зрна и млечни производи со малку маснотии. Спротивно на тоа, здравјето на коските е полошо кај луѓето што ги следат „западните“ шеми на исхрана, како што се консумирање безалкохолни пијалаци, пржена храна, шеќер и преработено месо. Модификациите на исхраната, исто така, може да им користат на жените со ендометриоза, со систематски преглед што сугерира позитивни ефекти.
Растечките докази сугерираат дека пациентите со невролошки нарушувања, од мигрена до Алцхајмерова болест, може да имаат корист од промените во исхраната, но истражувачите предупредуваат дека се потребни повеќе научни докази. Стресот, спиењето и исхраната се поврзани со појавата на напади на мигрена. Сепак, промените во исхраната не се сметаат за третман од прва линија, велат во Медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк, САД. Наместо тоа, промените во исхраната поверојатно ќе бидат корисни за да се намали честотата на нападите на мигрена отколку за спречување на мигрената. Опишани се тековни студии што ги проценуваат компонентите на исхраната, како што се специфичните масти, кои би можеле да им користат на луѓето со мигрена, како потенцијални предизвикувачи. Некои пациенти може да бидат почувствителни на одредени диететски предизвикувачи, како што се кофеинот и алкохолот. Секако, диетата може да биде компонента на сеопфатна стратегија за управување со однесувањето, но доказите за специфичните диети во овој момент остануваат прелиминарни.
Друга област на болести и многу тековни студии е деменцијата, растечки здравствен ризик, бидејќи се чини дека глобалното население во иднина ќе живее сѐ подолго. Хипертензијата, дијабетесот тип 2 и дебелината се самите фактори на ризик за развој на деменција, така што менувањето на овие фактори на ризик преку здрава исхрана како што е МИНД (хибридна медитеранска – ДАСХ-диета) може да го одложи или дури и да го спречи развојот на деменција.
Персонализираните интервенции со оброци може да бидат ефективни кај пациенти со ризик од деменција, концепт што веќе се проценува во испитувањата за когнитивно здравје, како и за дислипидемија. Генот APOE ε4 го носи најсилниот ризик за доцен почеток на Алцхајмерова болест кај некои популации и е поврзан со клеточниот метаболизам на липидите и гликозата, велат научници од Медицинскиот факултет „Кек“ во Лос Анџелес, САД. Луѓето со алел APOE ε4 може да имаат потреба од зголемено внесување на омега-3 уште на помлада возраст за да се одложи развојот на деменција. Еден познат застапник за медицински приспособени оброци, наведува примери на пилоти што се водат преку системот „Медикејд“ во Соединетите Американски Држави. Ваквите персонализирани диететски интервенции може да резултираат и со здравствени придобивки како и со економски придобивки, покажани преку една ретроспективна американска студија, која сугерира дека во текот на две години, учесниците што примале медицински приспособени оброци имале помалку приеми во болница отколку оние што не применувале ваква исхрана.
Сепак, експертите сѐ уште не се убедени дека диетата е соодветен третман за деменција. Во моментов, диетата не е пропишана како третман од прва линија за пациентите со Алцхајмерова болест во повеќето академски медицински центри. Сепак, иако „нема доволно докази за поддршка на улогата на исхраната во третманот, висококвалитетните епидемиолошки студии ја поддржуваат улогата на исхраната во превенцијата“.

Што се однесува до општото когнитивно здравје, улогата на исхраната е нејасна. Прегледот на студии што го истражуваат ефектот на целосната храна, како што е препорачано од Комисијата за храна, планета, здравје на „ЕАТ-Лансет“, покажа дека сегашната база на докази за поддршка на когнитивната функција со референтна диета е слаба, и покрај фактот дека метаболизмот во исхраната ја регулира биоенергетиката на мозокот на клеточно ниво и индиректно влијае на невродегенеративните болести преку оската црево – мозок.
Ефектите на исхраната врз сознанието би можеле да бидат индиректни и може да бидат потребни децении за да влијаат на инциденцата на деменција. Потребни се повеќе студии за да се разбере како шемите на исхрана комуницираат со факторите на ризик за деменција за да го зголемат когнитивниот пад. Овие обрасци на исхрана потоа би можеле да бидат насочени во клиничките испитувања.
Експертите се согласуваат дека големите рандомизирани испитувања на диететски интервенции се предизвик за современата медицина. Испитувањата во земјите со низок и среден приход се особено тешки, најмногу поради поврзаните трошоци, и често се фокусираат на недоволната исхранетост, но потребно е признавање од страна на финансиерите на огромниот товар од незаразните болести, а не само на поимот потханетост.
Д-р Салас-Салвадо забележува дека интервенциите во исхраната може тешко да се стандардизираат, при што секој истражувач ја оптимизира сопствената „точна доза“ или односот на макронутриенти.
Дел од тешкотијата во истражувањата е елементот за промена на однесувањето во клиничките испитувања во исхраната – што навистина е оптоварувачко! Испитувањата во кои се контролираат метаболичките параметри може да се користат за решавање на проблемите со усогласеноста, но тие се скапи и напорни за учесниците и не ги одразуваат реалните околности.
Друг предизвик е недостигот од застапени групи во испитувањата на диететски интервенции. Во испитувањето ДиРЕЦТ за дијабетес тип 2, повеќето учесници биле од белата раса, и покрај фактот дека ризикот од дијабетес тип 2 е поголем кај другите етнички групи, како што се луѓето од јужноазиско потекло. Истражувачите морале да спроведат понатамошно рандомизирано испитување (STANDby) во мала група луѓе од Јужна Азија за да покажат дека губењето на тежината и ремисија на дијабетес тип 2 може да се постигнат со целосна замена на диетата и кај оваа популација. Оддалеченоста од академските центри, потенцијалните јазични бариери, работните распореди и ограничениот пристап до транспорт се можните бариери за вклучување на недоволно застапените групи во клиничките испитувања. Притоа, истакната е важноста на достапноста до заедницата, потребата да се воспостави доверба и понудите за финансиска компензација или транспорт во охрабрувањето на поголема разновидност во клиничките испитувања.

И покрај предизвиците на испитувањата за интервенции во исхраната, експертите се согласуваат дека нивната важност е од огромно значење, особено во дигиталната ера во која има мноштво на дезинформации. Во отсуство на цврсти докази може да се појават опасни заблуди за исхраната и здравјето.
Културните разлики, достапноста на храна и финансиските ограничувања, исто така, претставуваат предизвици за имплементација, бидејќи нездравата преработена храна често е поприфатлива од поздравите алтернативи. Американското здружение за срце советуваше дека исхраната е важна за кардиоваскуларното здравје, но забележа дека во Соединетите Американски Држави, на пример, „субвенциите го олеснија земјоделското производство насочено кон производство на евтини жита и масла што ги користи индустријата за да се задоволи побарувачката на потрошувачите за високопреработени производи“. Многу од овие производи содржат високо ниво на натриум, рафинирани зрна, шеќери и нездрави масти. Во овите случаи акцент е даден на профитот, а не на здравјето на луѓето!

Во тој контекст, владите треба да го ограничат пристапот до евтини калории. Само владите можат да ја „променат околината за храна за луѓето да можат, без многу свесен напор, да избираат поздрава храна“. Ваквите промени во политиката се имплементирани на пример во Сингапур, кој ги оданочува засладените пијалаци и алкохолот, но исто така субвенционира поздрава храна, како што се производите од цели зрна. Прашањето не е дали треба да се субвенционираат здравите диететски интервенции, туку како да се дозволат истражување и пристап до таквите интервенции.
Со оглед на тоа што несигурноста на храната и начинот на исхрана се широко распространети низ целиот свет, а на милиони луѓе им недостига пристап до здрава и достапна храна, експертите се согласуваат дека е потребен правичен пристап до здрава храна за управување со болестите, подобрување на здравјето и пониски трошоци за здравствена заштита. Како што велат стручните лица, ако сакаме здрава популација, правичниот пристап до здрава храна за подобрување на здравјето и пониски трошоци за здравствена заштита за сите е „единствениот пристап што ќе биде нашироко ефикасен“.

(крај)