Нашиот метаболизам се менува со годините, па покрај физичката активност, која треба да ја практикуваме сите, важна е и промена на исхраната. Паметниот избор на храна може да помогне во одржувањето на силата, енергијата и целокупното здравје. Ако имате 65 години или повеќе, експертите советуваат дека повеќе не треба да јадете одредени намирници. Нутриционистот Федерико Амати советува дека високопреработената храна како пакуваните колачи, зашеќерените житарки и засладените пијалаци влијаат на шеќерот во крвта.
– Таквата храна содржи малку влакна и богата е со додаден шеќер и нездрави масти, што може да придонесе за воспаление, метаболичка дисфункција и лошо здравје на цревата. Тоа е особено загрижувачко за луѓето над 65 години, бидејќи стареењето е природно поврзано со зголемено воспаление и поголем ризик од кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2 и когнитивно опаѓање – вели тој.
Исто така преработеното месо – колбасите, виршлите и сувомесните производи се богати со нитрати, кои можат да го зголемат ризикот од срцеви заболувања, висок крвен притисок и други здравствени проблеми. Бидејќи метаболизмот забавува, на телото му е потешко да ги преработи таквите тешки солени јадења
Луѓето што земаат одредени лекови треба да обрнат особено внимание на грејпфрутот и сокот од грејпфрут, бидејќи некои лекови можат во допир со овошјето да доведат до потенцијално несакани ефекти што се опасни по живот.
– На пример, грејпфрут не треба да јадат оние што земаат статини за намалување на холестеролот, антикоагуланти за разредување на крвта и одредени антихистаминици – објаснува нутриционистот Кони Елик.
Грејпфрутот може да го зголеми дејството на овие лекови во крвта до опасни нивоа, што може да доведе до негативни ефекти, вклучувајќи и зголемен ризик од крвавење. Се препорачува секогаш да се консултирате со вашиот лекар за вашата исхрана кога земате нови лекови.
Пржената храна е нездрава без разлика на возраста, но по 65 години може да биде многу поштетна.
– Пржената храна содржи нездрави трансмасти и вишок калории, што доведува до зголемување на телесната тежина, висок холестерол и зголемено воспаление. Бидејќи метаболизмот природно забавува со возраста, честото консумирање на таквите намирници може да ги забрза хроничните состојби како што се дијабетес, срцеви заболувања и болки во зглобовите – вели Џенифер Хабаши.
Рафинирани јаглехидрати се оние што се обработени за отстранување влакна. Овој процес ги отстранува и клучните хранливи материи, кои производителите често се обидуваат да ги додадат подоцна. Примери за рафинирани јаглехидрати се бел леб, бел ориз, бели тестенини, колачи и многу житарки.
– Рафинираните зрна брзо го зголемуваат нивото на шеќер во крвта и немаат влакна, кои се неопходни за варење и контрола на шеќерот во крвта. Како што старееме, чувствителноста на инсулин има тенденција да опаѓа, зголемувајќи го ризикот од дијабетес и когнитивно опаѓање – забележува Хабаши.
Таа препорачува наместо овие производи, да користите цели зрна, како киноа, кафеав ориз и интегрален леб.