Младинскиот и детски хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, иако е формиран во 2012 година, веќе е музички бренд на градот. Тој работи под диригентство на Веселинка Маџарова, која е задоволна од заинтересираноста на младите велешани да бидат негови членови.
Најпрво е формиран како младински хор, кој пет години успешно функционираше во рамките на Повардарската епархија, а потоа почна да работи во рамките на здружението за дејности од уметноста и културата „Арт окарина“ од Велес.
– Хорот има 37 хористи од 9 до 16-годишна возраст, а би требало да кажеме дека нашиот хор е единствениот во државата што пет години учествувал на Светата божествена литургија. Хорот изведува композиции од различен музички карактер и има богата концертна активност – раскажува Веселинка Маџарова, која раководи со хорот од неговото основање.
Многубројни се настапите и успесите на овој хор, меѓутоа во последниве неколку години важно е да се спомне дека е учесник и добитник на награди и во меѓународни рамки. Тука е и настапот на 43-от меѓународен натпревар „Денови на православната црковна музика“ во Полска, кој се одржа во април годинава, а на хорот „Св. Кирил и Методиј“ му донесе прва награда.
Минатата година, пак, со освоена трета награда, овој хор се врати од 28-от меѓународен младински хорски натпревар во Хабанери, Шпанија. Пред тоа се случија трите први места на меѓународниот хорски натпревар „Мелодианум“ во Кикинда, Р. Србија, каде што хорот доби три први места во три категории, а исто така три награди во три категории овој хор освои на „Мајските музички свечености“ во Бијелина, Босна и Херцеговина. Хорот бележи настапи и успеси и во Русија и Белорусија, Турција, Црна Гора, Грција, Бугарија и Македонија, од кои најчесто се враќа со високи резултати и врвни награди.
– Хорот освен самостојни концерти, често настапува и на манифестации организирани од Општина Велес и други општини, манифестации организирани од невладини и хуманитарни организации, гостин е на меѓународни и домашни фестивали и натпревари. Интересот за учество во хорската настава значително е зголемен во последниве години – подвлекува Веселинка Маџарова.

Ф.Д.