Техно
Американската технолошка компанија „Гугл“ објави кратко видео во кое ги рекламира своите нови телефони „пиксел 10“ и во исто време му се потсмева на својот конкурент „Епл“ за неговите неисполнети ветувања за надградба на својот асистент Сири со вештачка интелигенција.
Во видеото, кое беше објавено на платформата Јутјуб и мрежата Икс, нараторот иронично им кажува на корисниците дека „едноставно можат да го променат својот телефон“ ако го купиле уредот за функција што ќе биде „достапна наскоро“, но сè уште не е испорачана.
Компанијата, исто така, потврди дека презентацијата на новите телефони ќе се одржи на 20 август, во 19 часот по централноевропско време.
„Епл“ минатата година објави дека нивниот „ајфон 16“ ќе добие значително подобрување на асистентот Сири со помош на вештачка интелигенција, но функцијата сè уште не е достапна дури ни по една година, а рекламата што ја промовираше оттогаш е повлечена.